Министерството за транспорт и врски во реакција до медиумите, објаснува дека избрало фирма за реконструкција на скопската обиколница без да распише тендер, поради потребата од итна санација.
-На 15.09.2016 година Советот за јавни набавки донесе Решение со кое се дава согласност за користење на постапка со преговарање без објавување на оглас од причини од крајна итност. На 16.09.2016 година беа доставени покани за преговарање до следните 5 (пет) економски оператори и тоа: ТДГПТУ ИЛИНДЕН АД – Струга, ДГТТ ТРАНСМЕТ ДОО – Скопје, ДПТУ ЕСКАВАТОРИ – МК ДООЕЛ – Скопје, ДГ БЕТОН АД – Скопје, ГД ГРАНИТ АД – Скопје.
Сите 5 економски оператори доставија свои понуди и учествуваа на преговорите при што беше избран економскиот оператор ДГТТ ТРАНСМЕТ ДОО – Скопје кој понуди најниска прифатлива цена.– стои во соопштението на министерството.
Инаку, без тендер избрана е фирмата „Трансмент ДОО Скопје“, а проценатата вредност на догoворот е 220.338.983,00 денари или околу 3,6 милиони евра. Фирмата е во сопственост на Сеад Кочан, кој и претходно добиваше пари од државни тендери. Тој е сопственик и на телевизијата „Нова“.