Арнаудов: Верувам дека НП на изборите ќе оди со ДПМНЕ

by Фокус

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-Народна партија, Ламбе Арнаудов, кој е еден од најблиските соработници на партискиот лидер и експремиер Љубчо Георгиевски, за Фокус вели дека партијата е поблиску до соработка со ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори отколку да влезе во други предизборни комбинаторики.

-Не можам да кажам што конкретно содржи пакет-понудата што ја договорив во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, но таа е сосема коректна, и тоа не за раководството на партијата, туку за целото членство. Воедно, оваа понуда е се уште актуелна и верувам дека ќе биде прифатена од партиските органи и нашата партија ќе оствари соработка со ДПМНЕ на следните избори – изјави тој во пресрет на седницата на Централниот комитет на партијата, што треба да се оддржи до крајот на неделава.

За разлика од увереноста на Арнаудов дека ќе се оствари предизборна соработка меѓу ДПМНЕ и НП, лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, пак, денеска изјави дека постои начелен договор за формирање на десноориентиран опозициски блок, па моментално се прецизираат само техничките детали, додека во иста насока одеше и изјавата на лидерот на ОМ Љубе Бошкоски по неговата завчерашна тет-а-тет средба со Георгиевски.

Инаку, се обидовме стапиме во контакт и со шефот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котески, за да го прашаме дали понудата „народњаците“ за соработка на следните избори е се уште отворена и што впрочем содржи таа, но не добивме никаков одговор.

В.С.

Поврзани новости