Поништен тендерот за „Рајска градина”

by fokus

ЕЛЕМ го поништи тендерот за изградба на проектот „Рајска градина“ во скопската населба Аеродром. На тендерот  се јавиле фирми што ги исполнуваат условите, но сепак постапката е прекината.

ЕЛЕМ во соопштението не ја дефинираше судбината на рајската градина и не се знае дали ќе се гради проектот, кој инаку наиде на бурни реакции во јавноста.

Проектот според првичните проценки, требаше да биде вреден 14,5 милиони евра и да се изгради на површина од 15 хектари.

Според плановите, изградба се состоеше од четири фонтани високи до 13 метри, реплика на Венера Милоска, антички ликови, лавови и грифони. Во паркот требаше да шетаат елени, срни, ретки видови птици, фазани, пауни, а среде паркот требаше да има голем кафез со мајмуни и други парчиња како дел од комплексот.

Изградбата на рајскиот парк беше најавена пред околу 4 години од тогашниот премиер Никола Груевски, кој најави дека рајската градина ќе биде меѓу петте најубави паркови во светот. Од ЕЛЕМ тогаш рекоа дека рајската градина е по барање на владата и уверуваа дека нејзината изградба нема да ги зголеми сметките за струја..

Поврзани новости