Министерство за култура: И да рушиме споменици тоа ќе биде во согласност со законите, а не преку ноќ со багери

by fokus

По изјавата на Мирослав Грчев, претседател на Комисијата за „Скопје 2014“, при Министерството за култура, дека спомениците Александар Македонски, Филип и Триумфалната порта ќе бидат отстранети, бидејќи биле поставени на незаконски начин, од Министерството за култура појаснуваат дека допрва ќе се прават анализи и консултации и ќе се носат одлуки дали некој од спомениците ќе биде отстранет.

-По завршувањето на комплетните елаборати за спомениците „Ќосето“ и „Мајка Тереза“, каде што беше утврдена нерегуларност од повеќе аспекти„ и беа приоритетни пред Комисијата за Скопје 2014“, следни на увид се „Александар“, „Филип“ и портата „Македонија“. Во овие случаи најгрубо е прекршена основната законска регулатива, односно Собранието не одлучувало за нив иако така наложува законската постапка. Со тоа е прекршен Уставот и затоа ќе мора бргу да се реагира. По завршување на елаборатите, како што наложува постапката на Комисијата, тие ќе треба да бидат отстранети“, изјави Грчев за „Макфакс“.

На прашањето на „Фокус“ до Министерството за култура, дали веќе е донесено конечно решение за отстранување на посочените споменици и дали тоа ќе предизвика нови финансиски импликации, од култура појаснуваат:

-Анализата на проектот „Скопје 2014“ се уште не е завршена. Откако ќе заврши ќе се согледаат сите аспекти, па во соработка со другите државни органи, како Град Скопје и општина Центар, бидејќи најголемиот дел од спомениците се поставени од нив, ќе се одлучи како ќе се постапува. Доколку се утврди дека некој од спомениците треба да се отстрани, тоа ќе се направи согласно законските процедури, а не преку ноќ, сигурно нема да рушиме ноќе со багер, како што тоа го правеше претходната власт со поставувањето на спомениците, ни изјави Петрит Сарачини, портпарол во Министерството за култура.

Сарачини додаде дека, како што и претходно изјавил министерот за култура Роберт Алаѓозовски, проектот „Скопје 2014“ се третира како изолиран вирус.

В.В.

Поврзани новости