„Енекод“ новиот сопственик на „Фени индустри“ демантира дека вработените ќе останат на улица

by fokus

Бугарската компанија „Енекод“ АД ги демантира пишувањата во одредени медиуми дека наводно нема ништо од договореното купување на комбинатот „Фени Индустри“ во Кавадарци.

Од „Енекод“ писмено ја известија јавноста преку локалните медиуми, дека се работи за неверодостојни тврдења и како ќе ги исполнат преземените обврски.

„Компанијата „ЕНЕКОД АД“ се нема откажано од зделката ниту пак од условите во преговорите. Ве уверуваме дека и покрај откажувањето на старите сопственици и раководството на претпријатието, раководството на „ЕНЕКОД АД“ ќе ги исполни превземените обврски, а со тоа и исплаќањето на плата на вработените во „Фени индустри“ – информираат новите сопственици на комбинатот.

Минатата недела, претседателот на Синдикатот за индустрија, рударство и енергетика Пеце Ристевски, ја извести јавноста дека „Фени индустри“ нема да оди во стечај и сите работници ќе останат со статусот што го имаа, а новиот сопственик, „Енекод“ ветил подготвеност и за нови вложувања.

Набргу потоа, медиуми блиски до ВМРО ДПМНЕ објавија вест дека „Фени индустри“ влегува во стечај, откако Бугарите не се договориле,со што околу 850 семејства на вработените во комбинатот остануваат на улица.

Вики Клинчарова

Поврзани новости