Интернет измама, злоупотребен идентитетот на лекар и логото на Министерството за здравство, предупредуваат од таму

by fokus

На интернет кружи реклама за лек против болки во зглобовите кој се препорачува како многу ефикасен и се нуди со попуст од 50 отсто. Но од Министерството за здравство алармираат дека станува збор за измама.

На рекламата стои логото на Министерството и препорака од докторот Константин Митев. Наводно Hondrocream ги лечи болките во грбот и зглобовите, ја враќа подвижноста и се бори со отоците. Во интервјуто објавено на интернет, докторот Митев, наводно, тврди дека може да излечи човек од 18-годишна остеохондроза за два месеци.

На својот официјален фејсбук профил Министерството за здравство, пак, ги предупредува граѓаните дека објавените информации се лажни.

„Станува збор за злоупотреба на логото како и името на докторот наведен во рекламата. Министерството за здравство во соработка со ДСЗИ веќе презема активности за идентификување на изворот и уште еднаш напоменуваме дека не станува збор за официјална веб страница на министерството“, велат од таму.

Кремата чини 3980 денари, но со попуст се нуди за 1990 денари. Нарачката се врши преку интернет со тоа што се внесуваат името и телефонскиот број. Потоа граѓаните добиваат повик од претставник, а испораката се врши преку курирска служба. Плаќањето на средствата е во готово по приемот на нарачката.

Поврзани новости