Министерствата сместени во зградата на Нова Македонија на 40 степени останаа без клима, дел од вработените дома

by Fokus

Во три министерства и уште неколку институции сместени во зградата на НИП Нова Македонија на најтоплиот ден ова лето, кога температурите изнесуваат на 40 степени не работат климите, со што дел од вработените се пуштени порано да заминат од своите работни места, дознава „Фокус“.

Според нашите информации, Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа, Министерството за информатичко општество, Државниот просветен инспекторат се само дел од институциите кои денеска останале без клими. Нашите извори информираат дека вработените во МОН се пуштени неколку часа порано да си заминат од работа, со оглед на тоа што не се издржуваат високите температури.

Од Службата за општи и заеднички работи во изјава за „Фокус“ потврдуваат дека се работи за технички проблем, односно дека треба да се смени системот за вентилација, затоа што со години претходно никој не го решавал тој проблем.

– Во последниот месец редовно имаме повици од таму за проблемите што ги имаат. Јас веќе пратив екипа на терен, која се труди да го санира проблемот, но треба да се смени цел систем за вентилација за што треба да се распише тендер. Тој проблем го имале секоја година, но никој не се занимавал со тоа и не сакал да го реши. Екипата што е на терен се труди да го реши техничкиот проблем, но тешко оди – истакна Пеце Мирчески, директор на  СОЗР.

И.М.

 

Поврзани новости