Анѓушев во Трст: Испраќам покана до сите странски инвеститори, добредојдени сте во Македонија

by fokus

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев учествуваше на бизнис форумот, во рамките на Четвртиот Самит за Западен Балкан во Трст, Италијанска Република.

„Не е возможно да зборуваме за економски раст на земјата, ако не работиме на поддршка и стимулирање на извозот на компаниите кои работат во Република Македонија. Пазарот од два милиони луѓе е мал и пред сè треба да ги поддржиме нашите компании да растат и да бидат конкурентни во регионот, а потоа и во ЕУ. Владата силно ќе ги поддржи извозно ориентираните компании, да растат, да се развиваат и да создаваат производи со повисока додадена вредност.

Ќе работиме на создавање на бизнис амбиент за здрави и успешни компании, а не да се создават политички компании од страна на власта. Изградбата на инфраструктурата ќе ни биде приоритет, ќе работиме на изградба на патната инфраструктура и гасификација на земјата, а токму преку изградба на инфраструктура ќе докажеме дека сме силно посветени на регионално поврзување“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Тој се осврна и на политиката за привлекување на странски инвестиции во земјата.

„Од Трст испраќам порака и покана до сите странски инвеститори дека се добродојдени во Република Македонија. Како Влада ќе го поддржиме секој инвеститор и гарантираме безбедност на нивниот капитал“, нагласи Анѓушев.

Реформите во енергетскиот сектор се исто така еден од приоритетите, но и предизвик на македонската Влада, според вицепремиерот Анѓушев.

„Ќе го донесеме и усвоиме новиот Закон за енергетика во кој ќе бидат инкорпорирани Третиот енергетски пакет на Европската унија и мерките препорачани од Енергетската заедница. Владата ќе работи на поддршка за изградба на енергетски капацитети од обновливи извори на енергија, а поддршката ќе ја моделираме на комерцијална основа“, рече Анѓушев.

Самитот за Западен Балкан во Трст е четврти по ред, а е дел од активностите кои се одвиваат во рамките на „Берлинскиот процес“, иницијатива на Европската Унија, со цел убрзување на процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата.

Поврзани новости