Министерот за локална самоуправа на средба со Бејли: Со подигнување на квалитетот на живеење се стеснува просторот за политичка злоупотреба на граѓаните

by fokus

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и заменикот министер Дејан Павлески, денеска во Министерството за локална самоуправа остварија средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли.

На средбата, министерот Фазлиу ја истакна важноста од поддршката на САД во напорите на Владата и на Министерството за локална самоуправа за поттикнување на локалниот социјален и економски развој. Министерството за локална самоуправа, рече Фазлиу, посветено ќе работи на рамномерниот развој и воедначени услуги за сите граѓани. Конкретно, министерот Фазлиу ја истакна потребата од воспоставување на систем за контрола на распределбата на средствата според степенот на развиеност, со цел да се поттикне развојот во помалку развиените плански региони.

Со подигнување на квалитетот на живеење се стеснува просторот за политичка злоупотреба на граѓаните, особено кога се во прашање меѓуетничките односи, рече Фазлиу.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли ја истакна улогата на Министерството за локална самоуправа.

-Важноста на Министерството произлегува од важноста на локалната самоуправа во општеството на секоја земја, па и во Република Македонија особено по Рамковниот договор во 2001 година.

Амбасадорот Бејли ја истакна потребата од соодветно финансирање на надлежностите на општините, зајакнување на капацитетите, како и хоризонталната координација меѓу Министерството за локална самоуправа и другите министерства, надлежни за одредени области.

Поврзани новости