Министерот Веле Самак доби јавна опомена од Државната комисија за спречување на корупција

by Фокус

Министерот без ресор, Веле Самак, доби јавна опомена од Државната комисија за спречување на корупција, за судир на интереси. Опомената следува откако министерот Самак потпиша доделување на државна помош за германската фирма „Маркарт“, во која пак е вработена неговата сопруга.

„ Државната комисија за спречување на корупцијата постапувајќи по предмет од областа на судирот на интереси констатира состојба на судир на интереси кај лицето Веле Самак поради што, во својство на министер без ресор во Владата на Република Македонија е потписник на договорот за доделување на државна помош од Република Македонија на правното лице МАРКАРТ Македонија ДООЕЛ Скопје како инвеститор, а во кое врз основа на договор за вработување е вработена неговата сопруга, се наведува во соопштението на ДКСК.

Од комисијата додаваат дека го известиле министерот Самак, како што велат, доброволно да ја отстрани состојбата на судир на интереси во која се наоѓа, но министерот не постапил по нивното барање.

„Веле Самак не постапи по барањето на Државната комисија, поради што во смисла на член 23 став 3 од Законот за спречување судир на интереси Државната комисија за спречување на корупцијата донесе одлука на ова лице да му изрече мерка јавна опомена. Согласно со член 25 став 2 од Законот за спречување судир на интереси мерката јавна опомена се објавува во средствата за јавно информирање“, се наведува во соопштението.

Сепак од соопштението не може да се разбере што требало да направи министерот Самак за да ја отстрани сосотојбата на судир на интереси, односно дали треба да ја повлече дадената помош или нешто друго. За објаснување ја побаравме портпаролката на комисијата, но таа не одговараше на нашите телефонски повици.

 

Поврзани новости