Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари средба со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, морнаричкиот капетан Горазд Бартол, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Министерот Спасовски на средбата ја потенцирал решеноста за спроведување реформи во Министерството за внатрешни работи, како и за департизација и декриминализација на истото. Спасовски додал дека е потребно да им се даде можност на професионалците да си ја вршат својата работа.
На средбата Бартол му го честитал изборот на министерот Спасовски, му посакал успешна работа и понудил помош за реформите во Министерството.
Министерот Спасовски се заблагодарил на честитките и изразил надеж дека соработката со НАТО ќе се зголеми за остварување на клучниот приоритет на Република Македонија-членство во НАТО и Европската унија.