Реакција на кабинетот на Иванов: Советникот Алексовски ги почитувал безбедносните протоколи во однос на разузнавачот Живаљевиќ

by Fokus

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија остро реагира на наводите во текстот „Ексклузивно: Каква е улогата на советникот на претседателот Иванов за безбедност, Синиша Алексовски во случајот „Живаљевиќ“?“ на новинарот Зоран Димитровски, објавен на интернет страницата на неделникот „Фокус“ на 12 јуни 2017 година.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најостро реагира и ги осудува обидите на Фокус на имплицитен начин да се поврзе институцијата Претседател на Република Македонија, како и претседателот Иванов со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, создавајќи искривена перцепција во јавноста, која не кореспондира со фактите и вистината.

Информираме дека посочениот советник на Претседателот Иванов во написот на Фокус не е овластено лице за пријавување на движење и престој на странски преставници и постапил согласно безбедносните протоколи, за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени.

Потсетуваме дека Кабинетот на Претседателот на Република Македонија реагираше и побара појаснување на изјавата на г. Агим Нухиу, кој од позиција на министер за внатрешни работи, во интервју за Алсат-М Телевизија на 11 мај 2017 година, повикувајќи се на гласини, посочи на наводен план за употреба на армијата за време на случувањата во Собранието на 27 април. Неделникот Фокус и новинарот Зоран Димитровски, во изданието на 21.04.2017 година најавуваше слично наводно сценарио. Поранешниот министер Нихиу никогаш не го образложи ова свое тврдење, базирано на лажните написи на Фокус.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија смета дека денешниот напис на Фокус е само продолжение во низата обиди за дискредитација и делегитимирање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и на институцијата Претседател на Република Македонија, преку креирање на лажни вести, односно необјективен пристап во информирање на јавноста.

Поврзани новости