Текстот е објавен на 29-ти јули 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 839-840
Пишувала
Мимоза РИСТОВА
Се покажа дека Саше, за да ја обезбеди државата од „злото” што ја демне од сопствените граѓани и интелектуалци, изгледа навистина набавил уред за прислушување телефонски разговори. За легално и законски да се активира целиот капацитет на оваа апаратура, ви треба вредните независни истражни судии да работат, брат-брату, 25/7, за да издадат 30.000 наредби за спроведување на Посебни истражни мерки (ПИМ), а вредните од одделот за телекомуникации од ДБК, заедно со итрите од Телеком, да ги спроведат наредбите!
Зарем овие мали уши клампуши не може некое поголемо и поцврсто уво да ги надслуша, а независни новинари да ги објават снимките за злоделата на непослушните уши, па независна парламентарна комисија да ги сослуша, па кралска комисија да ги надслуша, за, на крајот, обвинителот да ги обвини? Конечно, јавноста да гледа и да се задоволи со сцената во која дворскиот џелат на клетите прислушувачи убаво ќе им ги истегне ушите од корен, казнувајќи ги за кршење на уставот. Изгледа не може. Жалам, но јас не гледам дека кај нас има механизам за заштита!
Цел јули Британија ја тресе аферата за хакирањето на телефоните од страна на Њус оф д Ворлд (ЊОВ), додека ние тонеме во меѓународен медиумски мрак и галактичка маглина. Во дневните весници и во електронските медиуми завладеа средновековен мрак. Не дека порано беше кој знае колку осветлено, но сега веќе како тотално да сме лишени од релевантни информации за меѓународните збиднувања. А овие последниве, буквално тресат до темел едната од највлијателните политички сили во светот – Велика Британија.
Благодарение на недостигот на целисходност и континуитет во информирањето, а најмногу поради “високопрофесионалниот” македонски режимски журнализам, којзнае, можеби сосем спонтано и без некоја посебна тенденција ние ќе донесеме лекомислен но опасен заклучок: Ете, на сите во светот им ги прислушкуваат телефоните! Како пуста утеха, граѓанин граѓанина ќе потапка по раме и ќе му шепне тивко, за никој жив, та ни ушлестите ѕидови, да не чујат: МОЛЧИ СИ БРАТ, ТОА Е НОРМАЛНА ПОЈАВА ВО ЦЕЛИОТ СВЕТ!
Е, драги мои, морам со солзи во очите и со длабока брчка на челото, во знак на бескрајна загриженост, да ви ја искажам смешната флоскула што ја кажуваат по американските филмови сите сопружници фатени во постела инфлагранти, со швалер/ка, од страна на другиот сопружник: БЕЈБИ, НЕ Е ВООПШТО ТАКА КАКО ШТО ТИ СЕ ЧИНИ!!! Ситуацијата кај Британциве нема сличности со нашава, а и она што се случувало кај нив воопшто не е ни близу до она од кое стравуваме дека се случува кај нас. Кај Британците ситуацијата е многу покомплицирана, но по мое видување, многу побенигна. Имено, таму постојат механизми за контрола од опасноста за злоупотребата на власта и директно прислушување на приватните разговори помеѓу граѓаните. Внимавајте добро, таквата злоупотреба им била пред окото на будните невидливи чувари на системот, па биле веднаш фатени!
СО ПРИСЛУШУВАЊЕ ДО УНАПРЕДУВАЊЕ
Но, медиумите мили на власта и нивните телефонски хакери морале некако поинаку да се снајдат за да допрат до интимата на граѓанинот. Наместо директно прислушување, какво што повеќето чувствуваме на своја кожа кај нас, кај Бритиве се работи за ТЕЛЕФОНСКО ХАКИРАЊЕ, со пресретнување на оставените гласовни пораки. Имено, во културата на Британците (воопшто кај Англосаксонците), многу често се користи можноста за оставање на гласовна порака на статичниот или на мобилниот телефон, сеедно. Во културата за ефикасно живеење на овие луѓе, клучен елемент е почитување на времето на оној што сакате да го искомуницирате, па му се остава можноста од пораката да разбере зошто го барате и колку е итно барањето. На бараниот му се остава слободата за куртоазна проценка за тоа, кога ќе го возврати повикот. Кај нас, ќе се согласите, малку е поинаку. Кај нас адетот е бирачот упорно да му зврцка на бираниот, а притоа да остави траг од едно 17-18 испуштени повици. И така да зврцка, се додека успешно не се пробие молкот на другата страна .
Ако некој сака да ја најде целата вистина за британсково хакирање, тогаш мора да ги исчита клучните репортажи и анализи во прогресивниот и независен „Гардијан”. Сега јас ќе се обидам да ви го сублимирам прочитаното, за да можете да ја добиете вистинската претстава за карактерот на оваа злоупотреба. Уште на почеток морам да ви посочам дека клучниот момент на британското прислушување лежи во податокот дека претплатникот на телекомуникациската услуга, при купувањето на претплатничкиот број, автоматски ја добива и услугата говорна пошта, со којашто добива и шифра, ПИН. Со последново може да се активира преслушувањето на сопствените непреслушани пораки од кој и да било друг телефон (статичен или мобилен).
Но, на авторите на овој иновативен систем за незаконско телефонско хакирање, т.е. пресретнување на пораките, однекаде им била позната, инаку недостапната и строго доверливата статистика, дека само 4 отсто од Британците си го менуваат ПИН-от (оној кој им го даваат „фабрички”), а другите 96 отсто, или забораваат или едноставно не знаат да ја направат таквата безбедносна измена, па го задржуваат оној фабричкиот – истиот број за сите (да речеме 123456). Бинго!!! Секој можел од секаде да прави недозволено преслушување на приватната пошта на 96 отсто од британските претплатници, буквално од секаде. Приватните пораки што ги прислушувале за потребите на, сега притворената директорка, Ребека Брукс, додека била само уредничка на секција во Њус оф д Ворлд (иако за неа не постои ни податок дека дипломирала на некој универзитет, ама постои податок дека нешто студирала на Сорбона во Париз), ѝ донеле вратоглаво унапредување до врвот на хиерархијата на магнатот на печатените недиуми – Руперт Мардок.
ЕМ УРЕДНИЧКАТА СИТА, ЕМ ПРЕМИЕРИТЕ НА БРОЈ
Во последните осум години таа била во непосредни пријателски односи и со едната влада – либералите (ЛАБУРИСТИ!!!), и со другата – конзервативците, што укажува на карактерот на нејзината политичка непристрасност како одличен платеник, слично како и нашите медиумски платеници – оние имиња кои се свичуваат на која страна лежат моќта и парите. Според исказите на Ребека Брукс пред истражниот судија, не само сегашниот Дејвид Камерон, туку и Гордон Браун и Тони Блер изгледа биле корисници на информациите. Она што се знае е дека и Блер и Камерон секогаш биле близу нејзиното здолниште, на приватни вечеринки и викенди од неоправдана и сомнителна природа, проследени со јавање коњи на приватни поседи.
Хакирањето на пораките, имено, одело како директно, од самите новинари на ЊОВ, така и индиректно, преку приватен детектив, кој сега е притворен. Кај последниов бил најден именикот од 4.000 прислушувани лица, помеѓу кои и политичари, новинари, познати актери, киднапирани деца, семејствата на загинатите војници во Ирак и членови на кралското семејство. Димензиите на аферата стануваат стравични поради сознанието дека еден од новинарите на ЊОВ, кој излезе пред други медиуми и посведочи дека од него било барано да хакира телефонски пораки, беше неодамна најден мртов во својот стан во Лондон.
Како и да е, информациите од хакираните телефони од ЊОВ едновремено хранеле два големи корисника: репортерите на ЊОВ, кои секогаш имале посочни информации во таблоидите отколку другите конкуренти (оттаму и медиумската популарност и моќ) и кабинетот на премиерот, кој секогаш имал во ракавот отповеќе џокери-информации за личните ставови и сознанија на своите политички опоненти.
Една од клучните фигури во целата афера е сега притворениот Колсон, кој некогаш бил уредник во ЊОВ – еднаш осуден за прислушување во 2007 ходина. И покрај криминалното досие, премиерот Дејвид Камерон го вработил во кабинетот како раководител во канцеларијата за односи со медиумите. На големите медиумски критики апропо таквата одлука, добротворот Камерон, како навиена вергла, секогаш одговарал дека СЕКОЈ ЗАСЛУЖУВА ВТОРА ШАНСА. Мижи Асан да ти бајам е додуша ова со вторава шанса, зашто очигледно е дека Камерон го амнестирал Колсон од претходниот криминал, за да си го прибере да ја работи валканата работа за неговиот, сега веќе и врапците знаат, валкан кабинет!
ГРУЈО ЈА ЗЕМА КУРБЛАТА ВО СВОИ РАЦЕ
Така, линкот со ЊОВ и недозволените информации помогнале за исполнување на страниците на печатот на Мардок, а истовремено се слевале и во кабинетот на премиерот во Даунинг Стрит 10. Двајцата челници на Метрополитанската полиција на Лондон, од кои едниот е благородник, Сер Пол Стивенсон, исто така, си дадоа оставки, поради одговорноста што ја чувствувале за непреземањето истражни мерки, иако добивале информации за постоење на индиции за ваквата злоупотреба на страна на ЊОВ.
Кулминацијата на медиумското шоу со аферата за прислушувањето беше пред десетина дена, кога Ребека Брукс , таткото и синот Мардок беа повикани од парламентарната Комисија за спорт, медиуми и култура, да ги презентира своите докази, на сослушување пред членовите на Британскиот парламент. Овој настан медиумите го нарекоа најважното сослушување во историјата на парламентот, кое не доби директно медиумско покритие. Инволвираните од безбедноста, пак, ги презентираат доказите пред друга парламентарна комисија, онаа за внатрешни работи. За жал, информирањето на јавноста се сведе на цитирање на изјавите од протагонистите и од портпаролите.
Ај сега, да се вратиме кај нас, да се потсетиме на старата добра традиција ГОЛЕМО УВО од времето на покојна Доста Димовска, и да се навратиме на деновите кога Грујо сериозно ја зема курблата во свои раце и ја залауфа машинеријата за автократско владеење, та фати на чуварот на Државната безбедност, братучедот по мајка, Сашо Мијалков, да му набавува интересни хардверско-софтверски гаџети за прислушување и следење на граѓаните на РМ. Се покажа дека изгледа навистина Саше, за да ја обезбеди државата од “злото” што ја демне од сопствените граѓани и интелектуалци, навистина набавил уред за прислушување телефонски разговори. Таа техничка спецификација не би требало да биде никаква тајна и тој јавен податок сигурно може да се најде некаде во тендерската документација за јавната набавка, но нејсе, јас шпекулирам и препишувам од други, кои објавија цифра од неверојатни 30.000 канали за директно прислушкување, а не хакирање на пораки.
Богами, за легално и законски да се активира целиот капацитет на оваа заштитна државна апаратура, ви треба вредните независни истражни судии да работат, брат-брату, 25/7 за да издадат 30 000 наредби за спроведување на Посебни истражни мерки (ПИМ), а вредните од одделот за телекомуникации од ДБК, заедно со итрите од Телеком, да ги спроведат наредбите!
УШИ КЛАМПУШИ ЗА 30.000 ДОМАШНИ НЕПРИЈАТЕЛИ
Така, пу-пу машала, да не ги урочам, колку се грижат луѓево за нашата рекордна невработеност во Европа, ќе се создадат минимум 10.000 нови партиски вработувања. Нејсе, бидејќи бројката од 30.000 домашни непријатели не беше никогаш демантирана од Грујовци-Мијалковци. Значи, капацитетот на власта да може да се закачи на фреквенцијата на барем по еден член од семејствата на опозицијата, е еднаков на прислушување на скоро целата гласачка опозиција. ПАРДОН! Власта има капацитет НЕ за да прислушува, туку само да ги претвора во дигитален запис разговорите на таргетираните граѓани – опасните ѕверови што можат да ја разнебитат оваа цврста античка државна творба!
Боже ме сочувај, спасителу, па ние, слушајќи ги вестиве за аферата за Мардок, уште малку ќе си помислевме дека така е нормално, дека човек е нормално да се чувствува прислушкуван, дека е секаде исто и дека постои некаков Орвеловски ГОЛЕМ БРАТ, кој те гледа со око од небото и те слуша со уво од вселената. Дечки, ви велам, и да го има, тој не е од тука. Овие нашиве веројатно се закачуваат и снимаат, но немаат капацитет да видат и чујат толку многу луѓе, од едноставна причина што хуманите ресурси им се доста скромни. Но, ако некому му се намерачат (како на Брат Љубе и на некои други), тогаш тука се нивните многу блиски линкови со Телеком и со блиски по античкит им ген, фиљан-истражни судии, кои со поднослива леснотија, полесна од леснотијата на еден пердув на колибри, ќе изречат Посебни истражни мерки!
Но, која е нашата заштита од потенцијалите на ваквата злоупотреба на власта? Зарем кај нас нема некое контролно ОКО НАД ОКОТО, и УВО НАД УВОТО? Зарем овие мали уши клампуши не може некое поголемо и поцврсто и по’рскавично уво да ги надслуша, а независни новинари да ги објават снимките за злоделата на непослушните уши, па независна парламентарна комисија да ги сослуша, па кралска комисија да ги надслуша, за, на крајот, обвинителот да ги обвини? Конечно, јавноста да гледа и да се задоволи со сцената, во која дворскиот џелат на клетите прислушувачи убаво ќе им ги истегне ушите од корен, казнувајќи ги за КРШЕЊЕ НА УСТАВОТ? Изгледа не може. Жалам, но јас не гледам дека кај нас има механизам за заштита!
Правобранителу на РМ, вие, како последна наша надеж, кажете ни како да се одбраниме од овие маслосани уши, што се лепат на нашите исполирани порти?