Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска официјално го промовираа новиот Кодекс на новинарите на Македонија – документ кој треба да ги усогласи професионалните и етичките стандарди со предизвиците на дигиталната ера, социјалните мрежи и сè поголемата употреба на вештачката интелигенција во медиумите.
Како што беше посочено на промоцијата, процесот на подготовка на Кодексот започнал во 2024 година, а по краток застој бил финализиран оваа година, како дел од поширок проект за зајакнување на етичките стандарди и враќање на довербата во медиумите.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, истакна дека новиот Кодекс претставува нов договор меѓу новинарите и јавноста. Според него, досегашниот Кодекс повеќе од 25 години успешно служел како основа за професионално известување, но брзиот развој на дигиталните платформи и алгоритмите наметнал потреба од негово ажурирање.
„Најважната порака што сакаме да ја испратиме со новиот Кодекс е дека новинарите не се против технологијата. Напротив, вештачката интелигенција ќе биде сè поприсутна во редакциите и може значително да помогне при анализа на документи, преведување текстови или транскрипција на интервјуа. Но, никогаш нема да биде новинар. Не може да биде на местото на настанот, да изгради доверба со соговорник, да постави вистинско потпрашање или да ја преземе одговорноста пред јавноста“, изјави Чадиковски.
Тој нагласи дека во време кога секој може да објавува содржини, професионалните новинари повеќе нема да се издвојуваат по брзината, туку по точноста, проверката на фактите и заштитата на јавниот интерес.
На настанот се обрати и претседателот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, кој предупреди дека документот не смее да остане само декларативен.
Тој направи споредба со Кодексот за граѓански организации, посочувајќи дека од повеќе од 150 организации што го потпишале, само околу една четвртина реално ги спроведуваат преземените обврски.
„Со оваа лекција сакам да укажам што ве очекува во понатамошната примена на новиот Кодекс на новинарите. Се надевам дека МИМ, заедно со останатите чинители, ќе воспостави ефикасни механизми за негово почитување, а новинарите нема да го гледаат само како документ, туку навистина ќе го применуваат во секојдневната работа“, рече Кржаловски.