Во пресрет на утрешната седница на Уставниот суд, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, го отвори прашањето за еднаквиот пристап на политичките партии до финансиските ресурси во изборниот процес, повикувајќи се на пресуда на Судот на правдата на Европската Унија во предметот C-294/83 „Зелените против Европскиот парламент“.
Според Апасиев, Судот уште во 1986 година утврдил дека неправедната распределба на финансиските средства меѓу политичките субјекти може да создаде нееднаква положба и да ја наруши рамноправноста во политичкиот натпревар.
„Во аргументацијата на одлуката, Судот укажа дека државите имаат позитивна обврска да обезбедат еднаков и правичен пристап до политичките ресурси. Тоа значи дека институциите не смеат да бидат неутрални, туку мора да преземат мерки за да ја гарантираат рамноправноста на условите за политички натпревар“, наведува Апасиев.
Тој смета дека изборен систем во кој финансиската поддршка е наменета исклучиво или претежно за партии што веќе имаат избрани пратеници создава неоправдана предност за најголемите политички субјекти.
„Изборниот систем кој предвидува финансиска поддршка исклучиво или претежно за оние партии кои веќе имаат избрани пратеници создава неправедна фаворизација и неоправдана предност за доминантните субјекти“, наведува Апасиев, додавајќи дека станува збор за прашање на правна еднаквост, а не само за политички став.
Тој порача дека одлуката на Уставниот суд ќе покаже дали ќе бидат почитувани европските принципи на еднаквост и недискриминација.
„Останува да видиме дали нашите осум актуелни уставни судии утре ќе го почитуваат овој став во однос на Левица“, напиша Апасиев.
На утрешната седница, Уставниот суд треба да расправа за прашања кои, според Левица, директно се однесуваат на рамноправноста на политичките партии и условите за фер политички натпревар.