Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска го повика министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, што побрзо да открие дали навистина имало 30.000 фалсификувани лични карти, односно да ја расчисти аферата за, како што рече тој, наводна злоуботреба на фалсификувани лични карти изнесена од неделникот „Фокус“.
-Во моментов, наша оценка е дека техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски го одолговлекува случајот, доцни со неговото разрешување и не сме сигурни дали тоа се должи на институционалното неискуство на Спасовски како политичар или на немањето политичка волја и способност да се расчисти оваа изнесена афера. Оливер Спасовски мора да излезе и да и каже на јавноста дали некој изработувал фалсификувани лични карти, како успеал да ги фалсификува, дали некој злоупотребил 30.000 фалсификувани лични карти на избори, кога тоа го направил и на кој начин, рече Милошоски.
Милошоски дополни дека Спасовски имал лична, политичка одговорност, но и институционална одговорност да докаже пред јавноста дека има капацитет да се занимава со работи коишто се на надлежност на Министерството за внатрешни работи.