Милошоски не знае колку пари би добил за кампања за бојкот на референдумот

by Fokus

Пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски денес објави известување дека ќе земе учество во јавна пропаганда на референдумот со бојкотирачки став и побара да му се обезбедат средства за таа намена.

Околу тоа колку пари ќе бара за кампањата за бојкот, Милошоски вели дека нема увид во тоа за која сума се работи, односно колку средства би му биле одобрени.

-Тоа ќе го кажат Талат Џафери и ДИК. Џафери би требало да знае, јас немам увид – ни изјави тој.

Владата за кампањата на Собранието ќе обезбеди околу 1,3 милиони евра од тековната буџетска резерва. Доколку на крајот од кампањата има непотрошени средства тие ќе биле вратени во Буџетот. Средствата ќе биле пропорционално поделени на пратеници без разлика дали се ,,За’’ или пак се определиле за бојкот. Политичките партии до понеделник треба да се изјаснат дали ќе учествуваат во јавната промоција на референдумот, закажан за 30 септември.

Претседателот на Собранието Талат Џафери побара од пратеничките групи да го информираат и која страна ќе ја заземат, односно дали се за изјаснување „За“ или „Против“ на референдумот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости