Милошоски дојде на распит во СЈО како осомничен во „Моќник“

by fokus

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски утринава, околу 9.30 часот пристигна во просториите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) каде што е повикан на распит како осомничен во случајот „Моќник“.

Пратеникот во СЈО влезе заедно со адвокатот Димитар Дангов.

Во овој случај осомничени се уште 13 лица, меѓу кои и таткото на пратеникот, кој заедно со уште неколкумина се теретат дека под влијание на Милошоски, кој СЈО го опишува како моќен пратеник, багателно се распродавал имотот на државата и општински имот на негови блиски луѓе, а преку измама на советниците во општината.

Според СЈО, во 2011 година, градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, поттикнат од Милошоски, за неговиот татко да добие имотна корист, ги довеле во заблуда општинските советници, прикажувајќи им лажни факти, да донесат одлука за отуѓување на зградата на „Здружениот дом“ во Пласница, со што била предизвикана штета од 50.000 евра.

Поточно, таткото на Милошоски поднел барање до советот да му го продаде домот, при што излажал дека веќе со години го користи тој простор. Градоначалникот, пак, исто така излажал дека на барателот овој објект му бил даден на користење на 30 години од претходниот совет. Вистината била дека зградата која сакал да ја купи таткото на пратеникот е онаа во која била сместена администрацијата и градоначалникот на општина Пласница и две месни канцеларии, кои воопшто не биле во сопственост на Македонски Брод, туку на име на државата.

Според исказите кои советниците ги дале во СЈО, посочиле дека тие едногласно ја донеле одлуката за продажба, но не знаеле дека всушност одобруваат продажба на зграда во која била сместена општина Пласница.

Според обвинителството, градоначалникот намерно не го објавил огласот за продажба во Службен весник, за да нема други заинтересирани, а објектот подоцна незаконски бил впишан и во катастарот. Покрај објектот, за цена од 100 денари за метар квадратен го купил и земјиштето, иако за тој регион била предвидена цена од 400 денари.

Откако, пак, градоначалникот на општина Пласница дознал дека општината и неговиот кабинет се продадени, му се јавил на пратеникот Милошоски и побарал да влијае да се ревидира работата, а побарал и од Владата да ја испита продажбата.

Владата формирала комисија која утврдила дека продажбата е незаконита, и го задолжила градоначалникот со тужба да бара поништување.

Иако градоначалникот не поднел тужба, сепак кај Милошоски предизвикал гнев и, според СЈО, ја искористил својата политичка моќ, па од име на претседател на Комисијата за надворешна политика поднесувал барања за секаков вид инспекциски и полициски контроли врз „Пуцко петрол“.

Вчера во просториите на СЈО беше и Томе Аџиев, претседателот на Комисијата за лустрација, кој исто така е осомничен во овој случај и тоа за лустрација врз судијата Драги Билески од Кичево, која според СЈО била нарачана од пратеникот Милошоски.

Валентина Вурмо

Поврзани новости