Милков: Софија со нота ќе бара безбедност за Бугарите кои ќе отидат во Скопје за годишнината од раѓањето на Делчев

by Fokus

Бугарското Министерство за надворешни работи ќе испрати нота до Скопје со барање да се гарантира безбедноста на Бугарите кои на 4 февруари ќе отпатуваат во Македонија за одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, најави денеска шефот на бугарската дипломатија Николај Милков.

– Клучно во моментов е да се обезбеди спокојство за Бугарите таму. Сакаме да постигнеме деескалација на тензиите, додаде Милков.

Тој најави дека за таа цел ќе претстои и телефонски разговор меѓу премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев.

– Разговорот ќе биде со цел да се гарантира безбедноста на Бугарите таму, но и на оние кои ќе заминат на одбележување на денот на раѓањето на Гоце Делчев. Со нота ќе бараме од Република Северна Македонија да им обезбеди пристап на Бугарите кои ќе отпатуваат таму. Во минимален обем ќе има присуство и на претставници на Бугарската амбасада, изјави Милков, додавајќи дека проблем во сегашната ситуација е тоа што Бугарите и лицата со бугарско национално чувство во земјава „немаат доверба во основните институции“.

Поврзани новости