Бил Гејтс (65), четвртиот најбогат човек на светот според листата на ,,Форбс” се разведува од својата сопруга Мелинда (56) по 27 години брак и 34 години откако се запознале. Веста парот ја објави на Твитер, појаснувајќи дека двајцата не можат повеќе да растат како двојка.
-За овие 27 години израснавме три неверојатни деца и изградивме фондација која функционира низ целиот свет, овозможувајќи им на луѓето да водат здрав и продуктивен живот. Веруваме во нашата мисија и ќе продолжиме да работиме заедно во фондацијата. Замолуваме за простор и приватност за нашата фамилија, додека се привикнуваме на новиот начин на живот – вчера објавија Гејтс.
Нивната фондација ,,Бил и Мелинда Гејтс” е позната во светот по донираните милијарди долари за подигнување на свеста за вакцинирање на деца, но и за помош за разни кампањи за заразни болести.
Со години наназад животот на семејството Гејтс е честа тема во светските медиуми.
-Ние никогаш немаме несогласувања.
Секоја вечер, заедно со Бил ги миеме садовите, бидејќи со тоа се покажува дека во нашиот брак има еднаквост – изјави Мелинда за американските медиуми пред неколку години.
Нивната венчавка пак, која се случи во јануари 1994 година на Хаваи, беше настан кој парот го чинел околу милион долари и за кој известуваа светските медиуми. Во документарниот филм за нивниот живот, Мелинда раскажуваше дека Бил неколку недели дебатирал дали воопшто да се венчаат, па дури и на табла направил листа на која ги пишувал позитивните и негативните нешта кои би им ги донел бракот.
Две години потоа добија ќерка, во 1999 година се роди нивниот син, и во 2002 година повторно станаа родители на уште едно девојче.
За почетокот на својата врска, раскажуваа дека се запознале во 1987 година, кога Мелинда започнала да работи во неговата компанија Микрософт.
-Ме праша дали може да ми се јави по две недели за да излеземе. Му одговорив дека по две недели ни самата не знам каде ќе бидам, и му порачав дека не е доволно спонтан за мене. Сепак, му го дадов мојот телефонски број, а тој ми се јави веќе наредната вечер – изјави Мелинда во интервју за тамошните медиуми, пред неколку години.
-Таа имаше и други момчиња на почетокот, а јас го имав Микрософт – искрено раскажува Бил за периодот кога се запознале со Мелинда.
-Имаме исти цели во животот, ги носиме децата на училиште, и да, заедно ги миеме садовите по вечера. За да се постигне таква еднаквост, треба да се работи на тоа. Ние сме рамноправни партнери. Таа е како мене, оптимист и заинтересирана за науката. Во бизнисот, станавме екстремно богати, па затоа решивме да се оддолжиме, правејќи добро за другите. Исто така, веруваме дека секој може да допринесе на свој начин и да даде нешто – пари, време или пак енергија, и да им помогне на другите – појаснуваше Бил во интервју од пред неколку години.
Во документарниот филм за нивниот живот, режисерот му постави интересно прашање на Бил. – Ако денес на пример, те прегази автобус, ако умреш, кое е единственото нешто, што би го рекол, Боже, сакам да го направам тоа што никогаш не сум го направил?
Одговорот на Бил беше – Да и се заблагодарам на Мелинда!
Богатството на Гејтс се проценува на околу 130 милијарди долари и тие се едни од најбогатите луѓе во светот. Според пишувањата во американските медиуми, тие немале предбрачен договор и ги очекува една од најголемите поделби на имот во историјата.
Вики Клинчарова