Милена од Неготино опеана во хитот на Нови Фосили никогаш не прозборе за Рајко!

by Fokus

Вчерашната смрт на лидерот на хрватскиот бенд Нови Фосили, Рајко Дујмиќ, разбуди многу спомени и анегдоти поврзани со него, со легендарната група, но и со хитовите кои ги остави зад себе.

Во медиумите ширум регионот и на социјалните мрежи се објавија песните со кои растеа многу генерации, приказни како тие биле создадени, а помеѓу приказните, секако не изостана и онаа за ,,Милена”, песна која излезе во етерот во далечната 1983 година, а за која Дујмиќ во повеќе наврати за тамошните медиуми раскажуваше како и е посветена на една Милена од Неготино, девојка која што ја запознал на летување во Херцег Нови. Текстот за песната го напишал Зринко Тутиќ, на барање на Рајко.

Нивната средба и дружба на Јадранско Море се случила на почетокот на осумдесеттите години, кога Милена била на летување со нејзина другарка.

Музичарот и композитор и ветил дека таа ќе заврши во песна, и како што тој раскажуваше за хрватските медиуми во минатото, таа не му поверувала.

Но, кога потоа по снимањето на песната која веднаш стана хит, започнала големата Југословенска турнеја на бендот, тие имале концерт во Неготино, во спортската сала Младост, Милена го побарала пред настап, и со солзи му рекла дека не верувала како еден ден навистина ќе заврши во песна. Поради големата популарност на песната и тогашната турнеја беше насловена ,,Милена генерацијо”.
Приказната за Милена од Неготино, која долги години наназад е сопруга и мајка, е раскажана многу пати во минатото. Уште пред повеќе од десет години, се обидовме да стапиме во контакт со неа, со цел и таа да ја раскаже својата страна на приказната, околу дружбата со музичарот, околу чувството кога за прв пат ја слушнала песната, но и за нивната средба подоцна.

Сепак нашите обиди беа безуспешни. Нејзината пријателка, со која тоа лето биле заедно на летување во Херцег Нови, која исто така живее во Неготино, тогаш ни кажа дека Милена никогаш не сакала јавно да зборува на темата, ниту пак да се појави во медиумите. Сите понуди за интервју ги одбила и сакала да си ја зачува приватноста.

И покрај големиот јавен интерес за неа, бидејќи била инспирација за еден евергрин кој се пее со генерации, таа никогаш не прозборе јавно за Рајко.

Музичарот на свои 22 години, во 1976 година ја започна својата кариера со групата Нови Фосили и остави стотици музички дела зад себе. Соработуваше со голем дел од естрадата, а негови колеги и соработници од целиот Балкан денес се простија со него со емотивни пораки на социјалните мрежи. Тој почина на 65 годишна возраст, по тешката сообраќајна несреќа, а неговото семејство одлучило да се донираат неговите органи.

Вики  Клинчарова

Поврзани новости