Миланов: Граѓаните јадат безбедна храна, се планира двојно зголемување на казните за несовесните оператори

by irena 15:27
15:27

Македонските граѓани јадат безбедна храна, тврди директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов. Како што изјави денеска, пред настанот по повод Светскиот ден на храната, казните за несовесните оператори се ниски и со законските измени кои веќе се изготвуваат, е предвидено да бидат двојно зголемени.

Според Миланов, АХВ вчера заплени два тона небезбедна храна, а денеска уште шест, по извршените вонредни надзори по пазарите.

Во однос на месните и млечните производи кои во текот на летото беа предмет на инспекциски контроли, анализите, информира Миланов, покажале дека се работи за безбедна, квалитетна храна, но со грешки во декларациите.

Директорот уште еднаш апелира до потрошувачите, да внимаваат што и каде купуваат. Посебно да ги гледаат рокот на употреба, нутритивната табела и органолептичките својства на производите.

Прашан за вратените пратки на македонско овошје и зеленчук од некои од земјите во регионот, напомена дека, согласно анализите, биле сосема во ред, со негативни наоди.

-Чудно е зошто се враќаат, но секоја држава си го штити својот пазар, својот производ. Ова не е прв пат, имавме од Хрвaтска, Бугарија, Србија,… Ние веќе одржавме средби на високо институционално ниво и со стопанските комори. Договорено е да бидеме поригорозни во однос на увозот и извозот. За резултатите што е запленето денеска и утре, наскоро ќе излеземе со резултати. Безбедноста на храната е најбитна. Не се доволни казните, треба да бидат повисоки. Веќе се работи на законот за прекршоци. На добар пат сме, претходните две години вративме над 650 тони храна од увоз, посочи Миланов.

Директорот укажа дека ниту една држава не може да каже дека јаде 100 проценти безбедна храна, но битно е да има редовни и вонредни инспекциски надзори.

-Анализите на месните и млечните производи во летниот период покажаа дека се безбедни и квалитетни, но проблем имаше кај производителите зашто декларирањето не беше согласно регулативата. Можеби имало малку повеќе вода или масленост што не значи дека производот не е квалитетен или безбеден. Од политичките опоненти имаше реакции дека не кажуваме кои оператори се. Се работи за наши, македонски квалитетни производи. Земени беа прва, втора и трета анализа, и од промет и од производство, и е увидено дека сите се безбедни. Грешка имало во декларациите од страна на операторите, затоа порачувам и до операторите и до производителите и до потрошувачите да внимаваат, истакна Миланов.

Слични вести