Маестро на хармоника, Милан Завков (61), повеќе од 40 години работеше, создаваше и твореше од сенка, и зад себе остави вистинска музичка ризница за идните генерации. Фолк хитови кои траат со децении, како на пример „Камен да беше срцево”, „Пат до Стамбол град“, „Сите сме гости на овој свет“ позната и како „Каде брзаш животе”, „Лична Јовано”, „Свири мајсторе” и многу други останаа зад него. Веста за неговата ненадејна смрт ја растажи целата естрада, а познатите музички имиња со кои соработуваше во текот на изминатите децении го спомнуваат само по убави нешта.
Наум Петрески, Миле Кузмановски, Виолета Томовска, Благица Павловска, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Гоце Арнаудов, Ефто Пупиновски, Атина Апостолова… се дел од музичарите за кои компонираше и им го збогати репертоарот со хитовски композиции.
-Зад себе ја остави сопругата и децата. Ја остави македонската естрада, ги остави многубројните пријатели, кои на него секогаш ќе се сеќаваат како на голем човек, кој беше премногу скромен, кој неуморно работеше и создаваше од сенка. Никогаш не сакаше премногу да се истакнува, а со помош на неговите композиции многумина изградија кариери и станаа препознатливо име на сцената. Неофицијално, починал од срцев удар. Како што одат стиховите на неговиот хит ,,Сите сме гости на овој свет”, ете и тој беше гостин кој замина прерано, а имаше уште многу да даде на естрадата – ни раскажаа негови колеги.
Велат дека кога пред шест години во МОБ одржал славенички концерт, со кој одбележал 40 години активност на естрадата, бил трогнат од емоциите на публиката, и се надевал како пак ќе има можност за слично дружење во иднина. Тогаш негови музички гости беа Благица Павловска, Ферус Мустафов, Виолета Томовска, Ефто Пупиновски, Ленче и Горан Кукиќ, Дамјан Стојановски и други.
Како автор на над 150 новосоздадени фолк песни, пред неколку години раскажа дека е задоволен од интересот на младите кои сакаат да свират на хармоника. Појасни дека и тој како млад учел од постарите, па сега му било гордост да ги подучува младите генерации кои се интересирале за народните инструменти.
Вики Клинчарова