Милан го растури Јувентус: Лекција по фудбал за „бјанконерите“ на Сан сиро (4-2)

by Fokus

Италијанскиот гигант Милан игра препородено после паузата од корона кризата и вечерва го згази актуелниот шампион Јувентус со резултат 4-2, во големото дерби на Италија.

Првото полувреме од мечот беше прилично здодевно и без многу шанси на двете страни.

Веќе во вториот дел, екипите почнаа да играат допадлив фудбал, а прв до предност дојде Јувентус преку евроголот на Рабио во 47-та минута. Се уште неопоравени од шокот, фудбалерите на Милан примија уште еден гол, овојпат од Роналдо, по наивната реакција на одбраната на „росонерите“.

И кога се чинеше дека Јувентус мирно ќе го заврши натпреварот, тогаш се разбуди Милан кој го размонтира противникот за 20-тина минути. Најпрво Ибрахимовиќ од пенал го намали резултатот на 2-1, а четири минути подоцна, Франк Кеси си поигра со одбраната на „старата дама“ и погоди за 2-2.

Почна да расте нервозата кај фудбалерите на Маурицио Сари, а уште еден шок им подготви Рафаел Леао кој без проблем погоди во 67-та минута за комплетен пресврт на „росонерите“.

Гостинскиот стратег се обиде со неколку измени да ја размрда играта на Јувентус, но наместо тоа, шампионот прими уште еден гол – овојпат од фантастичниот Анте Ребиќ на асистенција на Џакомо Бонавентура.

Со оваа победа, Милан се искачи на петтото место барем за кратко, додека пак Јувентус остана лидер, но прашањето за титулата на Апенините се уште не е решено.

Поврзани новости