Мијатовиќ: Новинарите да работат во безбедни услови, без страв дека ќе бидат малтретирани

by Fokus

Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, предупредува дека слободата на печатот не смее да биде поткопана со мерките за борба против дезинформациите за коронавирусот.

„Глобалните здравствени проблеми предизвикани од ковид-19 бараат ефикасни мерки за заштита на здравјето и животот на луѓето. Ова вклучува и борба против дезинформациите што може да предизвика паника и социјални немири. За жал, некои влади го користат овој императив како изговор да воведат непропорционални ограничувања на слободата на печатот. Ова е контрапродуктивен пристап што мора да запре. Особено во време на криза, треба да ги заштитиме нашите скапоцени слободи и права“, – изјави Мијатовиќ.

Таа посочува дека во изминатите недели парламентите, владите и локалните власти усвоија закони, уредби или решенија со кои јасно се нарушува работата на новинарите и на другите профили во медиумите, со што се ограничува и правото на јавноста да добие информации.

„Новинарите кои ја покриваат пандемијата во Унгарија и во Руската Федерација се соочуваат со најразлични санкции, вклучувајќи го и ризикот, според новите закони, со затворски казни до пет години за ширење ‘лажни информации’. Додека во Азербејџан, неодамнешните измени наметнуваат обврска за сопственици на интернет-весници да спречат ширење на ‘штетни информации’ на интернет. Во Романија, декрет им дозволува на властите да отстранат содржини и да блокираат веб-страници за содржини со ‘лажни информации’ во врска со еволуцијата на ковид-19 и мерките за превенција, без можност на жалба против решението. Во Босна и Херцеговина, уредбите и законодавните предлози во насока на казнување на циркулацијата на информации што можат да предизвикаат паника, ризикуваат да ја ограничат работата на новинарите и слободата на изразување на платформите за социјални медиуми. Конечно, во Ерменија, голем број весници и веб-страници мораа да избришат некои информации, по усвојувањето на строги правила со кои се забранува објавување на информации од медицинска и епидемиолошка природа за појава на вирус, што не е целосно во согласност со официјалните извори“, додава Комесарката.

Според неа, од најголема важност е новинарите да можат да работат во безбедни услови, без страв дека ќе бидат малтретирани или нападнати.

Поврзани новости