Мијалков влезе на распит кај специјалната обвинителка Катица Јанева

by fokus

Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК само што влезе на распит во просториите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како првоосомничен во случајот „Тортура“, поточно за сурово и нечовечко апсење на Љубе Бошкоски во 2011 година.

Тој дојде во придружна на обезбедување, но без адвокатот Никола Додовски.

Мијалков, вчера на распитот во Кривичниот суд им се сокри на новинарите, односно во судот влезе од службениот влез, а претходно двајца специјалци, кои вршеа обезбедување за судењето на „Диво Насеље“, им наредија на новинарите да се одалечат од влезот.

Случајот „Тортура“, СЈО пред јавноста го презентираше на 28 март, а истрагата е отворена поради грубото и непрофесионално апсење на лидерот на Обединети за Македонија, Бошкоски.

-Врз основа на прибраните докази произлезе основано сомнение дека сите инволвирани, освен се разбира оштетениот, биле живо заинтересирани целокупната јавност да ја види бескруполозноста на дел од полициските сили – алфи, во изведување на апсење на политички противник на партијата на власт, и која во тој период раководи со полицијата. Тоа во кривично – правниот речник се нарекува едноставно – Тортура. Таквото поведение е казниво по сите меѓународни стандарди, истакна во март обвинителката Фатиме Фетаи.

Обвинителката тогаш појасни дека од прибраните докази произлегло основно сомнение дека еден ден по завршувањето на парламентарните избори во 2011 година, првоосомничениот, тогашен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени -полициските службеници во единицата Алфи да во вршењето на службата при лишување од слобода на осомничено лице-оштетениот Бошковски кај истиот да предизвикаат душевно страдање. Фетаи потенцираше дека иако Бошкоски не пружал отпор, сепак полициските службеници употребила сила и закана.

-Притоа второосомничениот, кој бил командант на единицата Алфи со зборовите, „Легнете го на земја, на земја да се апси“, „Легни го доле, легни го доле“, издал наредба за начинот на реализација на апсењето, по што трето, четврто, петто, шесто и седмоосомничениот употребиле прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го оштетениот Бошковски по нозете и држејќи го за рацете. Истите, го малтретирале, застрашувале и навредувале со зборовите “Шефот ми рече, шефот ми рече осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето“, „Ајде сега нека лае против шефот“, „Пичка ти материна“, „Ти дојде моментот“, „Дојде моментот да се реванширам“, „Да ти ебам жената“ и други вулгарни зборови и пцовки спрема неговата мајка, сопруга и деца, а во тие моменти третоосомничениот му го ставил и пиштолот на левиот образ, упатувајќи му ги  зборовите „бел ден да не видиш“, истакна Фатиме.

Но, обвинителката истакна дека тука не запрела тортурата. Веднаш потоа Бошкоски го ставиле пред полски тоалет со лицето кон вратата на тоалетот и во таа положба го држеле повеќе од половина час, со цел истиот да биде снимен од медиумите, кои биле известени за настанот.

-Според сево ова, не е тешко да се заклучи дека на оштетениот Љубе Бошковски му било предизвикано душевно страдање, директно му било понижено човечкото достоинство и личност и го дискриминирале по политичка основа.  Впрочем, и вештачењето за неговата психофизичка состојба во тој момент, прибавено во предметот го потврдува сево ова, објасни Фатиме.

Мијалков, заедно со уште шестмина вработени во МВР се осомничени за кривичното дело Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување од чл. 142 став 1 од Кривичниот законик.

В.В.

Поврзани новости