Сакам да ја известам јавноста дека не станува збор за никаков поткуп или корупција, туку за договарање и следење на процедурите околу донацијата од пет и пол милиони евра, која што ја доби Министерството за внатрешни работи од нашите пријателски служби, реагираше шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, по обвинувањата на опозицискиот лидер Зоран Заев дека примил провизија за набавка на опремата за прислушување од Изразел.
„Донацијата од 5.557.377 евра е примена. Со неа е купена опрема која што е предадена на специјалните единици и која што се користи во моментов, со што е подигната нивната борбена готовност. За сето ова постои и писмена документација и договори кои ќе бидат приложени во процесот што ќе го покренам против Зоран Заев. Очекувам судот да ги констатира и соодветно санкционира клеветите и конструкциите согласно законите на Република Македонија“, стои во реакцијата на Мијалков.