И новинарите ги лустрираат, зар не?

by Фокус

Ако некогаш новинарката Јадранка Костова одлучи да се кандидира за претседател на држава или за пратеник, нема да ѝ се дозволи. Не ќе може ниту министерка да стане, ниту член на совет во нејзината општина, ниту било каков избран или именуван функционер. Жената е лустрирана, односно општеството и самата таа се „прочистени“ од нејзините дејанија како соработник на тајните ни полициски служби. Намерно го употребувам зборот „прочистено“, бидејќи според Википедија, лустрацијата е историски термин за повеќе видови ритуали за прочистување кај античките Грци и Римјани. Од она што сите го имаме како општо предзнаење за лустрацијата, се работи за политика која по паѓањето на комунизмот во неколку европски држави, го ограничува учеството во владите, па дури и на останатите јавни функции, на поранешните комунисти и кодоши на комунистичките полиции. И таа главно се однесува на времето кога се поставувале темелите на новите парламентарни демократии во Европа, односно на периодот од 1989 до 1991 година. А ние живееме во календарската 2015 година.

Иако Јадранка не ја познавам лично, сигурна сум дека таа нема политички амбиции и дека за новинарската професија судбински е определена. Со други зборови, уво ја заболе за тоа што гласале, прегласувале или надгласувале Томе Аџиев и „весело друштво“ од биртијата со оксиморонски назив: Комисија за верификација на фактите (ако фактот е претпоставка за вистинитост, идиотски е некој да ја „верификува“ вистината). Сепак, Јадранка е обележана, а како таква, и понижена и навредена. И има полно право да биде гневна, бидејќи низок обид за девалвација на нејзината личност.

Луѓе мои, до која фаза на лудило сме дојдени, што во мојата чудесна земја дури и новинарите ги лустрираат. Имам многу другари и другарки новинари и знам дека во потрага за информации често се во контакт со органите за безбедност. На многумина од нив секојдневна работна обврска им е да соработуваат со полицијата, па дури и со онаа „тајната“, која, како што гледаме од снимките на Заев, решето е направена последниве четири-пет години. Дали може новинарот да знае што напишал во својата службена белешка инспекторот со кого претходно разговарал? И дали тоа треба да го интересира? И дали за тоа, освен пред својата професионална етика и редакцијата за која работи, треба да одговора и пред „аџиевци“?

Извинете, ама од кога тоа новинарите се „јавни функционери“? Прашувам, затоа што косата ми се крева читајќи ја последната верзија (од 2012 година) на „Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност“. Во овој блесав акт има еден уште поблесав член со реден број три, во кој, како салами на гондола во Веро, набројани се функционерите кои се опфатени со лустрацијата. И, токму на последното 30-то набројување, стои буквално следново: „Со овој закон опфатени се и основачи, носители на раководни функции во органите и телата и вработени новинари во трговско радиодифузно друштво и непрофитна радиодифузна установа кои имаат дозвола за вршење на радиодифузна дејност и основачи, носители на раководни функции во органите и телата и вработени новинари во друштва од областа на печатените медиуми“.

Според напишаното, излегува дека Аџиев е во право, затоа што човекот работел според словото на Законот. А тоа што истиот тој закон е моронски, никого не засега. Патем, може ли некој да ми одговори, во што тоа функционерски гледано, професијата „новинар“ е поразлична од занаетот „касап“, „столар“, „папучар“, „електричар“, или од професиите „банкарски службеник“, „адвокат“, „лекар“ и слично. Зарем немало столари, касапи, лекари, инженери и хигиеничарки кои соработувале со „органите на државната безбедност“? Ако се лустрираат новинари, зошто не би се лустрирале и тие.

Да не должам многу, затоа што ќе забегам во гротеска. Мене ми е сосема јасно дека Јадранка е лустрирана затоа е што е антирежимски новинар и како таков, треба да биде обележан. Како што ми е јасно дека процесот на лустрација е навлезен во фазата на сопствена негација, односно е претворен во алатка за прогон на политичките неистомисленици.

И затоа треба да се укине. Под итно. Не заради некакви политички последици по лустрираните, туку пред сé, заради менталната хигиена на граѓаните.

И заради почеток со справувањето на лудилото на власта.

универзитетски професор Гордана Попсимонова

Поврзани новости