Мијалков нема да го добие пасошот назад, Сеад Кочан веднаш да се јави на издржување на казната

by fokus

Кривичниот суд го одби барањето на еск директорот на УБК, Сашо Мијалков, да му биде вратен пасошот. Од судот денеска соопштија дека е одбиено барањето за укинување на мерката за претпазливост која му беше одредена на Мијалков. Тој, пак, го бараше пасошот назад со образложение дека има потреба од оперативен зафат кој треба да му биде извршен во странство бидејќи во земјава не се врши таква хируршка интервенција.

„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд –  Скопје по добивање на целокупната документација поврзана со барањето  согласно Законските одредби се обрати до надлежното обвинителство од  каде е добиено негативно мислење во однос на барањето. Советот на одржана седница по разгледување и ценење на барањето и
мислењето на надлежното обвинителство донесе решение со кое барањето го
одби како неосновано. Против ова решение странките имаат право на жалба до Апелациониот суд во  рок од 3 дена“, соопштија од судот.

Од таму додаваат дека е постапено и по жалбата поднесена од бизнисменот Сеад Кочан кој бараше одложување на затворската казна, што му беше одредена во предметот „Труст“.

„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по жалба изјавена против решение на судија за извршување санкции со кое се одбива барањето за одлагање на извршување на затворската казна на еден од правосилно осудените лица во предметот со К.бр. 1459/17 од обвинителството означен како „Труст“, по добивање на целокупната документација поврзана со жалбата, на 26.07.2019 година одржа нејавна седница. По разгледување и ценење на жалбата, советот донесе решение со кое жалбата ја одби како неоснована и го потврди решението на судијата за извршување санкции според кое осуденото лице е должно веднаш да се јави
на издржување на затворската казна, а одлуката на советот е писмено
изработена и експедирана до странките“, додаваат од судот.

Поврзани новости