На денешното рочиште за случајот „Таргет и Тврдина“ ситуацијата на моменти стануваше тензична и напната, а на моменти хумористична, додека одбраната го испрашува сведокот Ѓорѓи Лазаревски, кој заедно со Звонко Костовски, ја открија аферат за нелегалното прислушување во УБК.
Покрај адвокатот Љупчо Шврговски, прашања на сведкот му поставува и обвинетиот Сашо Мијалков, а со цел да го дискредитираат.
Во детали го распрашуваа како дознал дека нелегално се прислушува, како ги симнувам материјалите, а Мијалков во детали го распраша и како се приклучил во системот за прислушување, кој кабел го земал, каде го вклучил и низа слични прашања. По добиените одговори Мијалков ги спореше одговорите, односно дека сведокот еднаш рекол дека кабелот висел, а во еден момент дека бил постелан.
Откако Лазаревски му објасни кој дел од кабелот висел, а кој бил постелан, обвинителите се засмејаа, а судијата ги предупреди дека ништо не е смешно. Мијалков потенцираше дека сведокот не ја кажува вистината и дека просторијата која ја опишува а во која бил системот, не изгледа така.
Тој го праша сведокот и дали има материјални докази за сите материјали кои ги извадил од стариот систем за прислушување „веринг“, и дали може да ги приложи пред судот, Лазаревски истакна дека нема. Појасни дека го уништил дискот кој го имал кај себе, а го чувал за сигурност, кога отишол во МВР да го пријави прислушувањето.
Мијалков повторно го праша, како е можно да ги уништил материјалите, кога и самиот рекол дека ги прибирал за докази, а Лазаревски одговори дека одлучил да ги уништи материјалите кои биле кај него, а служеле за бекап, бидејќи веќе доказите му биле предадени на Зоран Верушевски.
Мијалков искоментира: Јас лично не ви верувам!
Додека во судница двете страни „војуваат“ на паузата, сликата надвор од судница беше сосема поинаква. Дел од обвинетите опуштено разговараа со обвинителите од СЈО.
В.В.