Русковска во завршните зборови за 27 април: Почувствував горчина кога беше донесен Законот за амнестија

by fokus

Убедена сум дека обвинетите се виновни, а дали судот ќе ги прогласи за виновни, ќе видиме, рече обвинителката, Вилма Русковска, откако во Кривичниот суд денеска ги даде завршните зборови за упадот во Собранието на 27 април.

Обвинителството одлучи да не го пракфилификува делото и на сите 18 обвинети да им биде судено за кривичното дело тероризам и загрозување на уставниот поредок. Она што недостасува, според Русковска, се организаторите на настанот. Во изјава за медиумите пред судот, таа изјави оти се надева дека наскоро и тие ќе седнат на обвинителна клупа.

-Очекувам во најкраток рок да се донесе наредба за спроведување истрага и за организаторите, а кои ќе бидат тие ќе видите кога ќе ја изготвиме наредбата – рече обвинителката.

Нејзините завршни зборови траеа околу два часа. Зборувајќи за секој обвинет поединечно, таа хронолошки опиша што се случувало на 27 април. Неколку пати рече дека според доказите упадот бил добро организиран и испланиран, дека обвинетите се координирале меѓу себе, и однапред се знаело, рече, дека вратите ќе бидат отворени за внатре во Собранието да се случи насилство.

Пренесуваме дел од воведот на завршните зборови на Русковска:

„Многу работи се случија од кога запчна судењето со воведните зборови, до сега кога ги кажувам завршните зборови. Многу работи се сменија внатре во судницава, но и надвор од неа. Кога кажав внатре во судницата пред се мислев на сведочењето на Душица Мрѓа, Павле Богоевски, Фросина Ременски, за она што го доживеале, а кое и по толку време предизвикува такци емоции кај мене не само како обвинител туку и како човек, чувство на горчина и срам, затоа што ја дожвеале таа невидена траума внатре во највисокиот законодавен дом. Кога реков надвор, мислев на Законот за амнестија, кој како политичка одлука изврши големо влијание не толку на концептот на обвинението, колку на чувството на неказнивност. Уште еднаш почувствував горчина, не како обвинител туку и како граѓанин на Република Македонија.

За судот треба да биде најважно она што се случува во овие ѕидови. Не треба врз судот да влијае тоа што некои ќе се соочат за затворска казна од најмалку 10 години, додека други се амнестирани. Единствено врз судот треба да влијаат фактите и доказите.

Темелна вредност на земјите од Европската унија е силното владеење на правото. Тоа е една од темелните вредности и на нашиот Устав. Ние како суд и Обвинителство, но пред се како граѓани, не смееме да го заборавиме тоа.“

Поврзани новости