Михајло Маневски треба да каже зошто е заташкан скандалот со Национална Платежна Картичка

by Фокус

Текстот е објавен на 11 февруари 2011 во неделникот „Фокус“ број 815

Разговарал
Владо АПОСТОЛОВ

ФОКУС Да не беше Вашата неодамнешна прес-конференција, многу од луѓето немаше да знаат дека има уште еден извор на финансии за партиите од буџетот, покрај оние 15 денари од добиен глас на избори. Обичниот човек иронично би рекол: Откако партиите испокрадоа сѐ, уште овие пари им фалеа. За што се наменети тие средства?

ТАСЕВА Овој закон е донесен во 2004 година, во корпусот на антикорупциски закони. Значи, расправајќи тогаш за проблемот со корупцијата, односно за финансирањето на политиката – дојдовме до едно размислување, дека можеби е добро да се овозможи, како што има и во други држави, да се обезбеди финансирање на политичките партии од буџетот на државата. Тоа би биле пари за нивните основни, секојдневни активности и во период кога не се случуваат избори. Иницијативата за пишување на овој закон потекна од пратениците во тоа време, од Жерновски и од Шапуриќ.

Со нив разговарав јас, како член на Државната комисија за спречување на корупцијата, и ние всушност бевме таа носечка група за изготвување на законот. Долго се расправаше, дали е потребен овој закон, имаше дебати од типот – малку пари имаат партиите, па еве сега да им дадеме и од буџетот.  Тие 0,06 отсто од буџетот, сепак, не се мали пари, и тоа беше предмет на дискусијата, но поентата беше во тоа да се уреди финансирањето на партиите и да се овозможи да функционираат малите партии, коишто ќе обезбедат одреден број гласови и пратеници и кои се загрозени во нивното работење, затоа што немаат сопствени извори како што имаат големите партии. Сметавме дека тоа ќе биде добро за демократскиот амбиент.

ФОКУС Колку што сфативме од прес-конференцијата, до 2010 година тој закон функционирал добро. Што е тоа што министерот за финансии Зоран Ставревски го сторил за да заработи кривична пријава од Транспарентност-Нулта корупција?

ТАСЕВА До 2010 година очигледно е дека законот функционирал добро, затоа што до тогаш ние не слушнавме каква било поплака од ниту една од партиите за тоа како се делат средствата кои се предвидени со тој закон. На крајот на минатата и во почетокот  на оваа година имавме повеќе контакти со партиите, затоа што работиме еден проект којшто се однесува токму на тоа – транспарентноста на финансирањето на политиката. Во тие контакти ние всушност дознавме за тоа дека одредени партии не се задоволни од тоа како во 2010 година, со одлука донесена од министерот Ставревски е преуредено финансирањето на партиите. Значи, се менува принципот којшто бил воспоставен со претходните одлуки кои биле донесени од претходните министри!

ФОКУС Тоа е на штета на овие партии што се пожалиле?

ТАСЕВА Се испостави дека е сменета целосно методологијата и начинот на распределба на парите…

ФОКУС Кој е резултатот од сето тоа?

ТАСЕВА Резултатот на крајот е дека некои од партиите добиваат помалку, а некои од нив повеќе пари. Во зависност на тоа како ќе се оствари тоа пресметување. Најголем проблем за нас е тоа што ние неколкупати баравме со дописи, со барање за состаноци – побаравме информација од министерот Ставревски за тоа како се распределени средствата и која политичка партија колку пари добила. Затоа што сметаме дека ние имаме право на таква информација, тоа е јавна информација, се работи за јавни пари и добро е, и ние, и граѓаните да знаеме!

УЈП МОЖЕ ДА ГИ ОДГАТНЕ ТАЈНИТЕ НА ВЛАДИНИТЕ КАМПАЊИ

ФОКУС Знаеме дека не сте добиле никаков одговор од министерот. Дали тоа Ве наведува да се посомневате во нешто?

ТАСЕВА Тоа е веќе својствено однесување на власта и на владата. Тие никогаш не ги даваат информациите коишто ги бараме, апсолутно се нетранспарентни. И самото тоа веќе понатаму имплицира дека нешто не е в ред. Но, покрај тоа, ние имавме состаноци со политичките партии коишто ни доставија сопствени извештаи за тоа дека – иако имаат ист број пратеници како што имале и претходната година, оваа година добиле помалку пари од буџетот. Притоа, најинтересно е дека буџетот се зголемил!?Би требало тие пари прогресивно да растат, како се зголемува буџетот секоја година, така и средствата што се добиваат по една основа да се зголемуваат!

До Уставниот суд доставивме три иницијативи, затоа што сметаме дека министерот за финансии излегува од рамките на своите надлежности и со упатството всушност го менува законот!

ФОКУС Нешто што воопшто не е негова работа…

ТАСЕВА Апсолутно. И затоа рековме дека ова е работа за којашто треба да се произнесе Уставниот суд. Иницијативите што ги напишавме се наоѓаат на нашата веб-страница, секој може да ги види и очекуваме Уставниот суд да се произнесе.

ФОКУС Потсетете нѐ, каква беше реакцијата на министерот по повод вашиот прес?

ТАСЕВА Тој рече дека јас не го познавам законот. Тоа беше реакцијата од министерот за финансии – дека Тасева не го познава законот. На што одговорив дека јас го пишував законот и многу добро го знам. Ние разговаравме и со другите луѓе со кои го пишувавме законот, им ги дадовме на увид одлуката и законот – и самите се чудеа!

А имаше и уште една реакција, овој пат од ВМРО-ДПМНЕ, прес-конференцијата на Бичиклиски. Тој рече дека јас не сум експерт, туку дека сум нечиј партиски војник. Дека се приближувам до СДСМ, дека сакам политичка кариера и така натаму!

ФОКУС Кога сме веќе кај финансирањето на партиите и нивната работа со парите, ќе Ве префрлам на аферата Перо Наков, односно на изјавата на Велија Рамковски, дека добил околу 4 милиони евра од Груевски од кои мал дел се платени по легален пат, а поголемиот дел се платени во кеш или преку владините реклами. Дали некогаш, како Транспарентност-Нулта корупција, сте ја разгледале тезата дека владата преку рекламите си ги плаќа партиските долгови кон медиумите?

ТАСЕВА Ние многу пати сме зборувале за тоа, сме имале неколку проекти. Многупати сме укажувале дека генератор на корупцијата се тие должничко-доверителски односи коишто се создаваат помеѓу партиите и лицата коишто плаќаат за време на кампањите. Кога велам плаќаат, тоа не значи дека мора да се дадат пари во готово, туку тоа може да биде изведено и на друг начин.

ФОКУС Како попустите што ги даваат медиумите?

ТАСЕВА Преку попусти, преку донации. Ние имаме напишано и нацрт законски одредби, како тоа да се уреди понатаму, затоа што сметаме дека и денеска оваа материја не е уредена добро во Изборниот законик и дека се уште постојат слабости.

ФОКУС Тезата ми е, дали може да се открие криминал во овој случај кога медиумите сосема легално даваат попусти, а владата сосема легално емитува реклами на истите тие телевизии? Од страна се гледа дека на овој начин се плаќаат партиски реклами, но, може ли институционално да се докаже дека во овој случај има корупција?

ТАСЕВА Може, ако сакаме да докажеме, ние можеме да докажеме. Затоа што повеќе институции во државава имаат надлежност да го следат финансирањето на политичките партии. Пред сѐ, тоа е Управата за јавни приходи. УЈП може да го направи тоа преку својата работа, преку своите контроли!

Јас ќе бидам многу изненадена ако од извештаите од УЈП во врска со случајот Перо Наков ние не добиеме информација за тоа, како владата финансирала кампањи во А1 телевизија и колку?

ФОКУС Навистина очекувате таква информација?!

ТАСЕВА Апсолутно очекувам. И, ако не ја добијам, тоа ќе биде апсолутно неизвршување на Управата. Затоа што таа преку своето работење, кога работи во една институција, може да го гледа работењето и поврзаноста на таа институција со другите. Многу работи може да се откријат ако нашите институции соодветно ги применуваат законите!

ЧЕКАЛЕ ПОЛИТИЧКА ОДЛУКА

ФОКУС Повторно Ве прашувам, навистина очекувате овој состав на УЈП тоа да го обелодени?

ТАСЕВА Да, очекувам. Затоа што само така може да докажат дека професионално работат. Јас сум искрена, многу ја почитувам нивната работа, многу направија во делот на даноците. И тоа се луѓе коишто се професионалци. И, сега, преку овој извештај што ќе го изготват за фирмите на Перо Наков и за А1, тие треба сите нас уште повеќе да не убедат дека се професионалци!

ФОКУС Добро, велите дека се професионалци. Дали може професионалци да игнорираат јавна изјава дека нешто слично како на Перо Наков, односно случај во кој на црно се плаќаат новинари има и во друга медиумска куќа. Тоа уште пред половина година е објавено, а тие го игнорираат!?

ТАСЕВА Веќе сите им го поставивме прашањето – Зошто до сега не влегле во А1? Тие рекоа дека таму имало криминал пет години наназад. Зошто не влегоа во тој случај цели пет години? Затоа што чекале политичка одлука. Тука се судираат професионализмот и политиката. Тука професијата го губи интегритетот. Јас, кога велам дека очекувам од нив таков извештај, всушност сакам да ги провоцирам, да ги предизвикам да дадат таков извештај!

ФОКУС Рамковски спомна и кеш…

ТАСЕВА Знаете, тоа што го кажа Рамковски за кешот… Што се случи? Рамковски кажа дека примил кеш и потоа по два дена рече дека тоа го кажал во афект. За секој јавен обвинител во светот, една таква изјава би значела отворање посебна истрага, за да се утврди што е тука вистината. Затоа што – што кажа Рамковски, кој му го дал кешот?

ФОКУС Директно посочи на Премиерот!

ТАСЕВА Значи, тој најдиректно посочи на Премиерот. Е, во таква ситуација имаме клевета упатена кон премиерот за која институциите постапуваат по службена должност. Институциите требаше веднаш да расчистат со тоа. Да кажат – тоа е вистина или тоа не е вистина. Некој му кажа на Велија да излезе и да даде изјава дека тоа го кажал во афект. Јас лично се сомневам дека тоа го кажал во афект, мислам дека тогаш ја кажа вистината, но дека можеби беше свесен за она што понатаму ќе се случува!

ФОКУС Реагиравте за начинот на кој беа приведени Велија Рамковски и другите управители од фамозната Перо Наков бб, а за тоа полицискиот портпарол тогаш ве обвини дека не ги познавате процедурите. Што е тоа што Ве вознемири при апсењето на Велија Рамковски, па имавте потреба да дадете изјава во доцните часови на Канал 5, ако не се лажам дека беше по полноќ?

ТАСЕВА Она што ме вознемири таа ноќ беше јавувањето на новинарот, а верувам дека сите ние видовме што се случи со Велија Рамковски и со другите. Го видовме апсењето преку камерите на А1 и ги следевме тие разговори коишто се одвиваа едно време во А1 телевизија. Денеска слушам прашања од типот – па зошто вие толку се вклучивте во ова. Во оваа цела ситуација мене ме вклучи Канал 5, ни крива, ни должна, така да кажам.

Јас видов што се случи и потоа заспав, но тие ме разбудија. На Канал 5 го кажав тоа што во тој момент навистина го чувствував. Јас сум човек што работи во оваа сфера, во сферата на кривичното право, човек којшто работи во сферата на економскиот и на финансискиот криминал. Кога ја гледав таа слика, тоа беше моето чувство, дека ова не треба така да се прави.

Прво, колку што имав информации во тие правни субјекти се водеше даночна постапка. Мене не ми беше јасно кога заврши даночната постапка и кога почна кривичната постапка!?

НЕ СМЕЕЛЕ ДА ЗАМРЗНАТ СМЕТКИ ЗА ИДНИ ПРИЛИВИ

ФОКУС Сакате да кажете дека не беа јасно одвоени постапките?

ТАСЕВА Апсолутно. И денес тоа е проблем, денес поради тоа судиите уште не можат да одлучат што ќе прават со случајот, со одмрзнувањето на сметките (н.з. разговорот е правен пред да се одмрзнат сметките на А1 во вторникот). Значи, станува збор за нејасна ситуација!

Зошто е потребно да се апсат луѓе за финансиски криминал, за случај во којшто сите докази претходно беа обезбедени!? Во финансискиот криминал сите докази се наоѓаат во документите, тука документите зборуваат сѐ. Сметав дека не треба да се апсат вака лица, тие прво требаше да бидат повикани на разговор, па, ако не сакаат да дојдат, да се преземаат други мерки!

ФОКУС До моментот кога го правиме разговорот, сѐ уште се замрзнати сметките на А1. Можете да ни кажете што всушност тоа значи во пракса?

ТАСЕВА Во пракса тоа значи дека тие медиуми, сите заедно, не може да функционираат. Замрзнати се сите сметки за сите медиуми во сите банки. Кога е замрзната сметката, значи дека нема ни влез, ни излез на пари. Иако и тука судиите направиле грешка во донесувањето на решението, па дале три различни решенија. Тука има сериозен проблем. Прво, замрзнувањето, така како што е направено на сметките на сите фирми во сите банки за некој иден износ или иден профит, којшто не е точно утврден на која сметка до колку, е апсолутно проблематично и единствено можам да го толкувам како обид целосно да се згасне работата на овие правни лица!

Затоа што, ако тие не работат и не ги сервисираат своите обврски преку тие сметки, некој ќе може да отвори постапка за стечај и ќе може да ги ликвидира. Сето она што го слушаме деновиве, дека може да земат кредит, дека може да ја платат таа сума – апсолутно не држи!

ФОКУС Банкарски експерти велат дека нема банка што би им одобрила кредит на овие фирми во оваа ситуација. Нели е тоа малку цинична препорака од Премиерот?

ТАСЕВА Еве, гледате како се извртува јавното мислење? Зборуваме за кривична постапка, во тоа е поентата тука. Овие сметки се замрзнати и треба да бидат замрзнати се до завршување на постапката со правосилна судска одлука. Односно, кога некој ќе треба да изрече мерка конфискација за да се обесштети државата и овие пари да поминат на сметка на државата. Ама тоа значи дека судот може да замрзне само пари што постојат и да каже дека ги замрзнуваме овие пари од оваа сметка. Тие пари привремено ќе бидат депонирани на времена сметка, значи – не на буџетот, и откако ќе заврши постапката тие пари сосе добивката од каматата којашто ќе појави – ако лицата се осудени и ако се изрече конфискација, ќе се уплатат на сметка на буџетот, ако не – ќе им се вратат на лицата сосе каматата.

Ова стои во Уставот и во конвенциите за заштитата на човековите права во оваа сфера. Ти не можеш некому нешто сега да му го земеш и целосно да му го обезвредниш, а, после пет години кога ќе заврши постапката, ако немаш докази да го осудиш, да му речеш извини, ама јас ти ја уништив фирмата. Каде го има тоа?!

Значи, целата постапка е целосно неправилно поставена. Прво, не смееле да се замрзнат сметки за идни приливи. Може да замрзнеш само нешто што постои!

ПРЕМИЕРОТ Е ЦИНИЧЕН СО СОВЕТОТ ЗА ЗЕМАЊЕ КРЕДИТ

ФОКУС Сакате да кажете дека овде се измешале даночната и кривичната постапка?

ТАСЕВА Да се каже дека А1 можеле да земат кредит и да го вратат долгот, тоа е цинизам и тоа е непознавање на работите. Тоа е неодговорно однесување на еден премиер. Затоа што Уставот го гарантира претприемништвото и правото на работа на секое правно лице. Ако премиерот не знае дека ова не е даночна постапка, Управата за приходи можела по завршувањето на нивната постапка да каже – Е, сега вие должите на државата данок, јас вам ќе ви конфискувам толку и толку пари. Тоа УЈП можела да го направи, ама не во кривичната постапка, туку во нивната, а ние сега сме во кривичната постапка каде што важат сосема други правила. Тука не важи правилото – ќе ви уплатат пари, па ќе ви стигнат пари до одредена сума, па потоа можете да располагате со сметката.

ФОКУС Како ги коментирате тезите дека А1 немала имот кој можел да се замрзне, па затоа морале да се замрзнат сметките?

ТАСЕВА И тоа може да биде состојба. Може А1 да нема имот во смисла на зграда. Но, А1 е бренд, кој вреди. Ја утврди ли некој вредноста на А1? Може ли утре тој бренд да се продаде? Сите луѓе коишто се опфатени со овие обвиненија имаат куќи, и нека не се на нивно име, нека се на името на нивните сопрузи или деца, сите имаат куќи. Сите имаат возила, сите имаат толку имот којшто можел да се обезбеди во смисла да не може да се отуѓува. Ако станува збор за куќа, вие не можете да ја продавате – додека трае постапката таа не може да се отуѓи. Ако станува збор за возило, тие може да ги соберат сите тие таму возила со кои располага Велија или семејството, тоа се сѐ вредни возила.

Во нормални држави се зема возилото коешто вреди многу пари, се договара цена со сопственикот, кој може да биде под постапка, и се вели овој џип може да го продадеме за 50.000 или за 100.000 евра. И тие пари до крајот на постапката ќе стојат на времената сметка, ќе си има и камата. Во што е поентата – утре кога ќе заврши постапката овие пари или ќе отидат на сметка на буџетот или ќе му се вратат на лицето и тоа пак ќе може да си купи исто возило. Поентата е во заштитата на вредноста. Тоа е она на што постојано укажувам – Да за конфискацијата , ама како што треба!

ФОКУС Имате ли чувство дека намерно се одолжува одлуката по жалбата за одмрзнување на сметките? Толку ли е тешко да се собере Кривичниот совет и да одлучи?

ТАСЕВА Изненадена сум што сѐ уште нема одлука за одмрзнување на сметката.  Кривичниот совет се состана, тешко е како ќе излезат од оваа ситуација. Не би сакала да бидам во нивна кожа, затоа што треба да се изборат и да донесат одлука којашто ќе биде законита, а тоа во оваа ситуација не е лесно. А во оваа ситуација, со сите очекувања да не ги наречам притисоци, очекувања од страна на власта дека судот треба нешто да испорача… Е, тие судии сега имаат проблем!

МАНЕВСКИ ЗАБОРАВИ И НА КЕРМЕС, И НА КИНЕСКИОТ ЅИД..!

ФОКУС Интересно е дека само неколку месеци откако дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, со законски измени се овозможи да не мора да се ротира претседателското место во Антикорупциската комисија. Ова нам ни личи како власта уште од стартот да го подготвувала теренот за корупција!

ТАСЕВА Моето искуство од работата во оваа комисија ми зборува дека таа институција најмногу зависи од интегритетот на поединците коишто се внатре. Зошто го зборувам ова? И тогаш кога бевме ние, веднаш на почетокот слушнавме коментари од типот – Формирај комисија за да не работи или да не се заврши работата!

Го докажавме спротивното, ама со нашата работа ние ја наведовме власта потоа што дојде, да не сака никогаш да и се повтори комисија како нашата!

ФОКУС Им успеа ли тоа?

ТАСЕВА Апсолутно им успеа. Тие сакаа и направија тело коешто ќе го држат цврсто под контрола!

ФОКУС Добро, тие покажаа некакви знаци на живот откако се смени претседателот…

ТАСЕВА Знаците беа многу, многу слаби и најмногу беа тогаш кога се зборуваше за буџетот на комисијата, каде што може да се биде јак. Ајде сега, откако буџетот им се врати, што се сработи? Значи, власта апсолутно успеа да стави рака над ова тело. Онаа законска интервенција за овозможување едно лице да биде претседател повеќе години ќе беше неважна, ако во овој состав бевме ние, старите членови на Комисијата.

За нас тоа ќе беше прашање на професионална етика, прашање на морал. Ама, власта си најде лице коешто цврсто ќе ја држи комисијата под контрола. Имавте ситуација во која членови на комисијата, кои се избрани од Собранието, апсолутно се плашеа од претседателката и од министерот за правда. Зошто? Затоа што постојано им се наметнуваше дека ќе може да бидат разрешени!

ФОКУС Да бевте Вие во Антикорупциска, ќе поведевте ли случај за аферата Надеж?

ТАСЕВА Да, затоа што сите случаи мора да се расчистат. Не знам дали помните, но, во наше време имаше контроверза за случајот на судир на интереси со браќата Филиповски. Поведовме случај, утврдивме дека таму нема судир на интереси. Иако сите реагираа, па дури во тоа време премиерот го разреши директорот. Сите случаи мора да се расчистат. Затоа и реков дека изјавата дека некој дал кеш – мора да се провери. Вака, останува тоа да лебди.

ФОКУС Кои се големите случаи што ѝ ги оставивте во наследство на оваа гарнитура на Антикорупциска?

ТАСЕВА Најголеми за мене се случајот ОКТА, во којшто ние упативме иницијатива до јавниот обвинител, каде што имаше многу силни и цврсти докази за незаконско однесување на тогашниот премиер, којшто прво имаше склучено и потпишано меморандум за соработка којшто беше пресликан во договорот за продажба на ОКТА. Чиста злоупотреба. Потоа, случајот Национална платежна картичка – апсолутно заслужува големо внимание затоа што станува збор за многу голема штета!

ФОКУС До каде е тој случај?

ТАСЕВА Немам никаква информација. Тој случај се заборави. А, таму има многу голема материјална штета и има редица злоупотреби од страна на лицата коишто тогаш биле во власта. Вклучително и незаконско трошење на кеш пари од буџетот. Има тука многу работа. Потоа, апсолутно не може да се заборави случајот Фершпед, оти и таму станува збор за чисто, очигледно кривично дело коешто е сторено со фалсификување потписи на акционери. За тоа ги имаме доказите. Значи, јас зборувам за случаи за кои имаме докази и за коишто воопшто не би требало да му е тешко на обвинителството да ги докаже. Поради тоа, ние толку цврсто стоевме на овие случаи!

ФОКУС Добро, ако има докази, зошто не е постапено по сите тие случаи?

ТАСЕВА Кога ќе престане политиката да се меша во судството и во работата на институциите, тогаш ќе имаме неселективна борба против криминалот и корупцијата. Затоа што се е политички дил и политички пазар од типот – Немој да ме чепкаш, па и јас тебе нема да те чепкам кога ќе дојдам на власт!

СТАНОВИТЕ НЕ БЕА ВО НАША НАДЛЕЖНОСТ

ФОКУС За дил многу често СДСМ го обвинува министерот Маневски, т.е. дека кога бил во Антикорупциската комисија влијаел да не се процесуира случајот со становите на мајката на премиерот?

ТАСЕВА О, не… Не, тоа се шпекулации. Значи, јас бев комисијата во тоа време и одговорно тврдам дека тоа не е точно. И повторно ќе зборувам низ примерот на овој случај за политичкиот пазар. Зошто не е точно? Комисијата го отвори случајот Станови на Надежда Груевска, го отворивме затоа што добивме иницијатива од опозицијата. Случајот го работеше сосема друг член на комисијата, не го работеше Михајло Маневски. Значи, Маневски се тргна на страна од тој случај. Што утврдивме тогаш ние? Утврдивме дека непосредно, кога зборувам непосредно значи станува збор за денови пред да дојде на власт, Никола Груевски ја менува адресата на живеење. Значи, тој не живее на иста адреса со Надежда Груевска. Зошто е ова битно? Во законот пишува – Функционерите и лицата коишто живеат со нив во семејно домаќинство. Со самото тоа, дека тие не живеат во семејно домаќинство, Надежда Груевска не може да биде третирана од страна на Антикорупциската комисија. Законот е јасен и ние бевме јасни во таа работа. Јас излегов затоа што не сакаше никој од колегите тоа да го направи, беше многу чувствителен политички момент и знаевме дека тој што ќе излезе во тој момент да каже дека комисијата нема надлежност да постапува, знаевме дека ќе биде линчуван. Тоа и се случи, веднаш имаше прес-конференции како сега од Бичиклиски, тогаш имав од Кондарко!

Но, што беше нашата порака тогаш, порака која и денес ќе ја најдете на веб-страницата? Управата за јавни приходи има надлежност да си поведе постапка и да утврди, од каде и како лицето Надежда Груевска ги стекнала средствата со кои се купени становите? Тоа е најнормална, најлегитимна постапка на УЈП. И денеска се прашувам, зошто ништо не се презеде, кога УЈП беше во рацете на СДСМ и тие ги имаа сите можности да го решат? Да се расчисти. И овде веројатно станува збор за политички дил!

ФОКУС Вие соработувавте со Маневски во Комисијата. Во тоа време, мислевте ли дека тој може да биде министер кој ќе заврши како лош пример во извештајот на Европската комисија и како човек кого опозицијата го нарекува министер за неправда?

ТАСЕВА Не, не мислев дека може тоа да му се случи. Можеби од констелацијата, од начинот на којшто работеше Комисијата, таму секој мораше да се однесува и да постапува во согласност со законот. И таму беше битен професионализмот и знаењето на членот. Кога работевме заедно во комисијата, ние имавме и одлична соработка и конструктивност во работата. Таму може да дојдат личните и професионалните компетенции и квалитети на секого, вклучително и на Маневски.

ФОКУС Ги препознавате ли тие квалитети кај Маневски и денеска?

ТАСЕВА Јас денеска сум запрепастена од ова што го гледам. Прво, наеднаш сите случаи што Маневски ги водеше – случајот Кермес којшто беше многу, многу експониран, кога бевме во комисијата, наеднаш излезе дека тоа не е објект заштитен како културно наследство!? Што не е точно. Случајот со Кинескиот ѕид, случајот со градбите под Панорама – би сакала да го потсетам министерот на сите овие работи – тоа беа негови случаи. Силно тврдеше дека тоа е криминал, но, што се случи? Се сменија работите откако членот на Комисијата стана министер и како да не го препознаваме!

Некои луѓе ми велат дека сепак јас не сум го познавала доволно Маневски, дека тој имал и претходно свое минато пред да оди во пензија. Ми велеа дека тие што работеле со него многу подобро го знаат неговото вистинско лице. Можеби, јас такво лице на Маневски не познавав, јас го познавав како професионалец којшто навистина знае и може да биде стручен. Го помнам како човек кој покажа многу енергија, многу волја за работа. Тоа се гледа и сега, ама сега енергијата многу лошо му е насочена!

СО БОЈО СЕ СУДРИВМЕ ЗА ДОКТОРАТОТ НА РАДНИКОТ

ФОКУС Кога излеговте од Европскиот универзитет на Бојо Андрески се шпекулираше дека тоа е поради желбата на Љупчо Тодоровски – Радникот да докторира на оваа високообразовна установа. Што навистина се случи?

ТАСЕВА Тоа не е шпекулација, тоа е точно. Значи, тоа се случи на првиот ден на учебната година. Кога отидовме на работа, бев повикана кај господинот Андрески, за да ме запознае со Љупчо Тодоровски, кого одлично го познавам. Ние сме генерација од факултет, школски другари сме. Јас му честитав за магистратурата, а магистрираше два дена претходно, значи во петокот магистрира, а во петокот е на Европски универзитет каде што наеднаш добил амбиција да стане доктор на науки. Тоа никаде го нема. И тука имав веднаш реакција, разговаравме и со ректорот и со Андрески, дека тоа така не може!

На тој универзитет, докторати можеа да се пријават единствено на Економскиот факултет. Тоа му го кажав и на Тодоровски во таа ситуација. Не ми беше јасно, кога стигна да биде кандидат за доктор на науки, оти треба да има објавено трудови. Најмалку треба да имаш три објавени труда во конкретна област за да пријавиш докторат. Ама, излезе дека имало трудови, кои ние не сме ги виделе. Му велев на Тодоровски, дека на тој универзитет може да се докторира само на Економски факултет и ме интересираше на која тема сака да докторира. Темата беше нешто со недозволена трговија на дроги, од криминалистиката. И така наеднаш требаше да се направи оваа тема да биде економска!?

ФОКУС Како заврши таа расправија?

ТАСЕВА Тоа беа причините поради кои ние се судривме. Ги слушнав сите искажувања од Андрески, дека тоа е негов универзитет и дека тој ќе прави што сака, дека тој има интерес. Покрај сѐ, и единствената стипендија од 5.000 евра за докторат за којашто потпишаа договор Бојо Андрески и министерката Јанкуловска требаше да му се додели на Љупчо Тодоровски за одбрана на овој докторат!? Сето тоа беше премногу!

Дури ги слушнав  искажувањата дека тој докторат не бил на факултетот каде што јас сум декан и зошто воопшто ми било гајле за тоа. Без разлика што не беше на мојот факултет, држев до принципите и затоа сега јас се потпишувам како невработен професор. Едноставно, не можеш да прифатиш некои работи!

ФОКУС Добивте отказ?

ТАСЕВА Потоа две недели не отидов на работа, во знак на несогласување со она што го прават. Очекував да ми дадат отказ, но тоа не се случи. Отидов таму и Бојо рече на состанок дека решиле да работат според законот и дека Тодоровски нема таму да пријави докторат. Како еден вид на компромис за да останам таму.

Но, очигледно е дека некои работи не одат заедно, иако пред да одам на тој универзитет се договоривме дека јас сум и претседател на Транспарентност-Нулта корупција, дека сум вклучена во многу меѓународни организации и дека морам да патувам во странство и секогаш кога патував во странство ми одбиваше од дневница. Дури и кога одев да ја претставувам Македонија, јас за тие денови не добивав плата. Така што јас бев во Доха, на конференција на ОН, кога во весник прочитав дека сум добила отказ со образложение дека многу патувам и дека тоа влијаело и кај другите професори. И кај нив се појавила желба да патуваат, што е најнормално за професор. Очигледно беше дека некои работи се неспоиви и затоа веќе не сум дел од Европскиот универзитет!

Поврзани новости