На Босанците им прекипе од логиката „или укради од парите донирани од странците или биди гладен!“

by Фокус 14:39
14:39

Текстот е објавен на трети март 2006-та во неделникот „Фокус“ број 557

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

Иако поминаа десет години, босанските лузни на војната сѐ уште можат да се видат речиси на секој чекор. Многу згради сведочат за жестоките улични борби, во дел од нив уште стојат импровизираните бункери, а на некои  висат спомен-плочи со кои се потсетува на некој крвав настан од граѓанската војна.

- Advertising -

Така, на пример, до влезот во уништената зграда на Универзитетската библиотека во Сараево, стои плоча на која пишува дека била погодена во 1992 година и дека во пожарот потоа изгореле два милиона списанија, книги и документи. Исто таква спомен-плоча има и кај пазарчето „Маркале“ каде што од граната, додека чекале во ред за да купат нешто за јадење, загинале над 70 сараевчани.

ТРАГИТЕ ОД ШРАПНЕЛИ КАКО СПОМЕНИК!

Интересно е што дупката во асфалтот пред „Маркале“, каде што паднала гранатата, сега  е пополнета со црвен цемент, а со ист цемент околу неа се „пломбирани“ и трагите од шрапнелите наоколу. Таква лузна има и на  улицата „Ферхадија“, што минува крај пазарот и се симнува до таканаречениот вечен  оган на „Титова улица“.

Како дел од главната пешачка  зона, заедно со „Башчаршија“, градските власти предвидуваат реконструкција на оваа улица, но, барем како што објавуваа сараевските медиуми додека бевме ние таму, градот нема сили да обезбеди околу еден милион марки за реконструкција на оваа улица. Инаку, тоа е улицата што минува крај централната сараевска џамија до познатиот шедрван на „Башчаршија“, а потоа минува и крај катедралата, синагогата и православната црква, кои се на простор од неколку стотина квадратни метри. Тоа е истата улица каде што ден пред да дојдеме во Сараево поминале агресивните демонстранти, кои протестирале  против  карикатурите на Мухамед, палејќи го данското знаме.

– За време на војната – вели Рифат Тарик, нашиот „водич“ низ градот, стар сараевчанец од Грбавица, како што самиот со гордост се претставува – ниту еден од верските објекти во стариот град не беше погоден, не беше оштетен. Иако сите христијани што живееја овде за време на војната се иселија од овој дел на градот, во црквата остана да живее еден поп. Тој ја помина целата војна во црквата. По наредба на Алија Изетбеговиќ за време на  војната и опсадата на Сараево, во црквата му се носеше храна.

Според него, иако се поминати десет години од војната,  многу малку објекти во градот се обновени. Единствено што засилено, дури и дрско се гради, се џамиите кои се финансираат од муслиманските центри на Блискиот исток.

– Последните неколку години се случува нешто што не беше својствено за старо Сараево. Имено, многу  млади девојки, како што можете да забележите, најмногу тинејџерки, прифаќаат да се забрадат, а за тоа добиваат одредена сума пари. Порано во нашиот град не можеше да се види жена во мантил или забрадена девојка, а сега ги има многу. Покрај забрадените девојки, низ градот можат да се забележат и момчиња со долги бради, што исто така е директно влијание на некои муслимански центри, кои во последниве десеттина години  длабоко имаат навлезено во Босна. За разлика од џамиите, кои чинат огромни пари, а никнуваат како печурки по дожд речиси на секое празно место во градот, други објекти како и да не се градат. Се разбира, да не ја заборавам огромната американска амбасада, односно малото американско гратче каде што ќе има сѐ што ќе им биде потребно на службениците. Американскиот дипломатски кварт, кој ќе биде ограден со високи ѕидишта, се гради во близина на познатиот хотел „Холидеј ин“, односно на местото на големата сараевска касарна на ЈНА – вели Тирак.

ГРЦИТЕ ЈА ОБНОВУВААТ ЗГРАДАТА НА БОСАНСКАТА ВЛАДА

Специфична слика за Сараево, а тоа го забележавме и во Мостар, е што многу од малите паркчиња во градот се претворени во муслимански гробишта. Особено морбидно делува сликата на малиот парк наспроти зградата на босанско-херцеговското Претседателство, кое сега е претворено во гробишта во центарот на градот. Странските делегации кои доаѓаат во посета на оваа земја, кога се поклонуваат пред државните  знамиња, сакале или не, мора да гледаат во гробиштата. Таму, меѓу гробовите, на клупите што останале од поранешниот парк, ќе видите и некој заљубен пар кој со љубов и се спротивставува на смртта.

Карактеристично за повоено Сараево е и тоа што тоа сега не е оној зелен град опколен со ливади и шуми. Сега буквално сите брда и сртови на двете страни од Миљацка се голи и сиви, затоа што за време на војната сараевчани исекле сѐ што можело да гори, за да се преживеат долгите опсадни зими. Падините околу градот се оголени, а обновувањето на шумите сѐ уште не дошло на ред. Необична слика од Сараево, барем ако се споредува со Скопје, е тоа што нема никакви градежни активности.

– Станови во Сараево не се градат – вели таксистот Ариф Калем, додека се  возиме кон кувајтско-малезискиот деловен центар „Уни-Тик“, каде што имаме договорено средба со Богиќ Богиќевиќ, член на последното Претседателство на СФРЈ, кој има своја канцеларија на 16-от кат на суперлуксузниот облакодер сред Сараево. Таксистот Калем по пат ни ја покажува сивата карабина на некогашната зграда на Владата на БиХ.  Пред неколку месеци почнало обновувањето, кое се врши со донација на грчката Влада. Грците ја обновуваат зградата кат по кат, вршејќи постојан надзор што е направено и како се трошат парите.

– Многу пари во овие десет години отидоа во бунар, во приватни џебови. Ако чесно се управуваше со парите на донаторите, досега Сараево ќе беше нов град. Сами можете да видите дека  градот е сив, како вчера да завршила војната; дури ни фасадите не се обновени, а парите се потрошени. Кого и да прашате ќе ви каже дека многу донации се украдени, а во многу случаи во тоа помагаа и некои странци, кои си замина од Босна богати. А можеше досега да се направат многу нови и убави згради, како деловните центри на „Порше“ и „Форд“. Ене, тоа таму пред војната беше студентски дом; беше обновен минатата година и сега е седиште на администрацијата на Европската унија во Босна. Можете да забележите дека има многу приватни бензински пумпи. Тоа стана голем бизнис со „кеш“, па многумина се „снајдоа“ и сега се богати луѓе – вели нашиот Калем, кој пред три години се вратил од кампот за азиланти во Шведска и, бидејќи немало работа, почнал да вози такси.

Градот буквално е преплавен со такси-возила, кои возат речиси за половина поевтино од нашите таксисти. „Ако не си таксист, тогаш во Сараево мора да си вработен во некоја амбасада или странска невладина организација“, повеќе на шега, отколку сериозно, велат нашите соговорници во Сараево.  Но, за жал, вистината не многу далеку од тоа. Велат дека преку 30.000 сараевчани работат во некоја странска мисија или странски невладини организации, а од друга страна, дури 47 отсто од населението е без работа.

ПАРТИЈА ШАХ СО ВЛАСТА!

Незадоволството на сараевчани за она што се случува во нивниот град, меѓу другото, изворно може да се слушне на плоштадот пред црквата, во непосредна близина  на Домот на Армијата на БиХ, каде што секојдневно, на плочникот обележан со црни и бели плочи, со големи пластични фигури се игра шах „од нога“. Секој може да се пријави, да одигра една партија со случаен минувач, а притоа, додека се размислува за потегот, да се „олесни“ критикувајќи ја власта, кажувајќи си ги маките. Ваков шах во друг град на Балканот нема.

Луксузниот ентериер на „Термална ривиера“, словенечка инвестиција за богатите шеици

Луксузниот ентериер на „Термална ривиера“, словенечка инвестиција за богатите шеици, но не и за сиромашните Сараевчани

– Сепак, има во градот и неколку убави работи. Најголемата инвестиција пред две години ја почнаа и ја завршија Словенците, кои на минералните извори на Илиџа направија огромен објект со затворени и отворени базени за рекреација и лекување. Станува збор за „Термална ривиера“, инвестиција од неколку десетина милиони евра, каде што сите близу 300 вработени се од Сараево и околината. Тоа не го направија босански инвеститори, туку менаџерите на познатата словенска бања „Чатеж“, за да ги привлечат богатите клиенти од Емиратите и од Кувајт, кои по традиција не одат во Словенија. Затоа, сега редовно доаѓаат во  словенечката „Термална ривиера“ крај Сараево. Значи, целта на Словенците била да се привлечат шеиците, и тоа веќе е постигнато. Се разбира, од тоа полза имаат и Словенија и Босна, – вели Тирак, кој, враќајќи се од прекрасните  убавини на „Врело Босне“, ни кажува дека во населбите кај Илиџа, каде што пред војната живееле Срби, сега живеат Санџаклии.

– Последниве неколку години Србите засилено им ги продаваат куќите и становите на доселеници од Санџак, кои го контролираат подземјето и црниот бизнис во Босна – вели Тирак.

Приквечер, повторно шетајќи по улицата „Ферхадија“, каде што од граната загинале 17 сараевчани, а во асфалтот останала лузна од црвен цемент како белег на војната, застануваме пред импровизирани тезги на кои се продаваат книги, кои за осум конвертабилни марки можат да се купат заедно со весникот „Дани“.

За околу 200 денари може да се купи, на пример, романот „Дервиш и смрт“ на Меша Селимовиќ, во оригинал, со речник на специфични бошњачки зборови. Токму пред тезгата на која се продава романот на Селимовиќ е малиот кратер во асфалтот, пополнет со црвен цемент, за да потсетува на крвавиот настан пред една деценија. Покрај „Дервишот и смртта“, тука, на „Ферхадија“, црвените точки во асфалтот се всушност мали симболи  на едно време, кое, како што ни рекоа повеќето наши соговорници, новите сараевчани се обидуваат да го заборават, за да можат да живеат во сегашноста и да мислат на иднината. Токму поради тоа, можеби, освен ние, односно оние што за кратко доаѓаат во градот крај Миљацка, сараевчани како да не ги забележуваат ваквите белези по улиците. Минуваат врз нив, како да ги нема.

За разлика од „уличните белези“, кои тешко можат да се забележат, во Сараево, а особено во Мостар секој може да ги види фасадите изрешетани од куршуми и шрапнели. Воените лузни останале дури и на оние згради кои некако биле прикрпени, и во нив сега живеат старите, но и многу од новите, по војната доселени жители на Сараево. Таксистот  Ариф Калем, кој нѐ почека и со кого повторно се враќаме од деловниот центар „Уни-тик“ кон хотелот „Сарај“, возејќи низ населбата Грбавица ни го покажува мостот каде што била линија на разграничување меѓу муслиманите и Србите.

Само во дел од Грбавица сега живеат Срби. Останатите Срби живеат во Пале и во околните рурални населби. Поминувајќи го стадионот „Грбавица“ каде некогаш играше „Железничар“, излегуваме на „Добровољачка“ улица каде што пред десет години беше пресечен моторизираниот конвој со војници, кои генералот Кукањац ги извлекуваше од градот.

– Тука беа заробени  млади војници на ЈНА, речиси регрути, што беше грешка. Поради тоа злосторство еден наш командант, Бошњак, сега е во Хаг, – вели Калем.

ТРАФИКИ ВО ФОРМА НА ЏАМИИ

И во Мостар, како и во Сараево, лузните на војната можат да се забележат буквално на секој чекор. Најмногу се уништени зградите во улицата која била линија на разграничување меѓу Муслиманите и Хрватите.

За време на војната, сите мостови на Неретва биле урнати, оделувајќи ги и физички левиот – муслимански, од десниот – хрватски брег. Сега сите мостови се обновени, но градот е поделен. Тоа може да го забележи секој што доаѓа во Мостар, а тоа не го кријат ниту мостарци. И едните и другите си имаат свои радио-станици, и едните и другите си имаат своја чаршија, свое корзо, свои продавници, своја патека крај  Неретва.

Кога муслиманите изградиле огромна џамија на левиот брег, и минаре што се рамни со околните ридишта, со звучници што се слушаат дури до Столац, Хрватите веднаш ја изградиле огромната камбанарија и дел од монументалната катедрала, а над ридот над неа и огромен, осветлен крст.

Бидејќи е на „хрватска страна“, во фабриката за алуминиумски профили се вработени само Хрвати. Тројца од нив што се оженети со муслимански, секојдневно мора да ги трпат навредите на своите колеги. Платата во фабриката е во просек околу 1.000 евра,  а добиваат и тринаесетта плата, како и популарен додаток на годишен одмор, кој, исто така, е околу 1.000 евра.

За разлика од стариот, ориентален дел на Мостар, каде што живеат муслимани, и кој е многу посиромашен, во другиот дел од градот се градат многу нови згради и трговски центри, со кои тој дел на Мостар добива европски изглед. Во еден од новите трговски центри, свои бутици имаат најреномирани европски брендови за конфекција, електроника, обувки и слично.

Истовремено, на „лев и десен дел“, односно на „нивен“ и „наш“ Мостар, како што велат нашите  соговорници, поделени се и училиштата. Во муслиманските не учи ниту еден Хрват, и обратно. Направен е експеримент да се измешаат децата во гимназијата, но експериментот пропаднал како неуспешен.

За да се комплетира сликата, треба да се каже дека во хрватскиот дел на градот има хрватски конзулат, а во тој дел од градот, во бутиците и кафулињата, со радост ќе ви примат куна како платежно средство, иако официјална валута е босанската таканаречена конвертибилна марка. Во поделениот град едните со другите како да се натпреваруваат што повеќе да се разликуваат, па така, во муслсиманскиот дел, на пример, дури и трафиките за весници, личат на џамии, со кубиња, и со полумесечина на врвот.

За Фарук Вале, новинар на „Дневни аваз“, поделбата е евидентна, но старите пријателства полека, но сигурно повторно се обновуваат.

– Тоа што само пред неколку месеци беше речиси незамисливо, на пример да се пие кафе на Мостарскиот мост заедно со Хрват, сега е веќе секојдневие. Полека во старата чаршија доаѓаат и нашите сограѓани, а не само странците – туристи. Во градот има многу бегалци, па тие веројатно малку го нарушија стариот дух на градот. Важно е дека инциденти нема, а тоа  е добар знак дека повторно Мостар ќе биде еден град – вели Вале.

Од друга страна, Дамир Ганиќ, Хрват, стар мостарчанец, новинар во локално хрватско радио, смета дека тоа што муслиманите купуваат станови на десниот брег на Неретва, не придонесува за нормализација на состојбата, туку само ги разгорува страстите кај дел од населението.

– Сега тие ги купуваат становите на разурнатата улица, а тоа значи дека ја поминуваат „линијата за разграничување“ воспоставена за време на војната. Тоа создава тивок притисок врз хрватското население кое се потиснува кон горниот крај градот, зад катедралата – вели Ганиќ.

Како и да е, десет години по Дејтонскиот договор, во Босна уште се длабоки и видливи лузните на војната. И Сараево и Мостар во некои делови се уште наликуваат на кулиси од некој воен филм. А зад нив, зад вистинските кулиси на вистинската војна, секојдневно и со сите тешкотии тече обичниот балкански живот, како и во останатиот дел на овој наш маѓепсан полуостров, заробен во вечниот круг на постојани корекции на историјата.

Поврзани новости