Мигрантите во Центарот во Гази Баба страдаат од цревни заболувања и кожни инфекции

by Фокус 17:42
17:42

Мигрантите кои се држат во Центарот во Гази Баба најчесто заболуваат од цревни заболувања, кожни инфекции и имаат проблеми со респираторниот систем, забележал лекарот од Црвениот крст на Македонија. Тој седум дена во неделата им е на располагање на бегалците во Центарот, а го говори и арапскиот јазик што ја олеснува комуникацијата, соопштија денеска од Црвениот крст.

Освен овој лекар, Црвениот крст испраќа и мобилни тимови кои патролираат по македонските патишта и им даваат прва помош на мигрантите кои ќе ги сретнат. Тимовите се составени од возач и две медицински лица. Покрај третирањето на исчашени зглобови и исеченици, мобилните тимови им даваат вода и храна на овие луѓе кои пеш или со велосипеди транзитираат низ Македонија со цел да стигнат до некоја од развиените европски земји.

- Advertisements -

Црвениот крст апелира сите граѓани кои се во можност да се вклучат и да помогнат. Потребни се донации од вода, бисквити, двопек и конзервирана храна. За парични донации е отворен телефонскиот број 143 400 и може да се донира од сите мобилни оператори.

Изминативе денови мигрантите кои се држат во Центарот во Гази Баба кренаа бунт поради нехуманиот третман кој го добиваат. Од видеата кои ги снимија граѓаните во близина на Центарот можеше да се слушне како затворените бегалци извикуваат „Сакаме слобода“.

Поврзани новости