Миа Перевска, ќерка на Пере од „Нокаут“: Мојот свет е различен, не се обидувам да ја достигнам кариерата на татко ми!

by Fokus

Миа Перевска е една од ќерките на фронтменот на „Нокаут“, Никола Перевски-Пере, која активно се занимава со музика. Таа е трета година на отсекот аудио инженеринг и музичка продукција на Факултетот за аудиовизуелни уметности во Скопје (ЕСРА).

Перевска од мали нозе се заљубила во музиката, а настапува и како придружен вокал на „Нокаут“, но и самостојно низ локалите во Скопје. Во интервју за „Фокус“, таа ни откри повеќе за нејзиниот живот, но плановите во иднина на музичко поле.

Со музиката е во постојан допир од свои најрани години, а нејзиното семејство уочило дека таа треба да продолжи да се занимава со тој свет.

Дома ги имав копакт-дисковите со музиката компонирана за цртаните кои ги гледав, чија музика ја имаа компонирано Фил Колинс, Брајан Адамс и други светски имиња. Така почнав да слушам музика. Тогаш мајка ми држеше часови по пијано па кога ќе завршеше, влегував во соба, седнував и пробував да ја емитирам. Знаев често да правам импровизации, па на тој начин моите родители дојдоа до заклучок дека имам потреба да се изразам. Ме запишаа во нижо музичко на 5-годишна возраст и на тој начин почнав да навлегувам во музиката. Со часови можев да го гледам татко ми како работи на разни програми. Татко ми го забележа тоа и почна да ми ги објаснува нештата, на тој начин ја направивме мојата прва песна со која настапив за првпат на детски фестивал на 6 годишна возраст. Моето семејство е дефинитивно виновникот за мојата љубов кон музиката, но ништо немаше да биде без мојата желба и упорност“, вели Перевска.

Како што вели таа, не и важно што е ќерка на Пере, туку се труди да остане своја, без да чувствува притисок од јавноста во Македонија.

Пораснав читајќи секакви работи на социјални мрежи, тоа ме донесе поблизу до карактерот кој сум денеска. Колку и да се трудам да не гледам така на работите, има луѓе кои гледаат, а реакциите се секогаш различни. Има луѓе со предрасуди, со свои размислувања и предвидувања за тоа каков човек сум, има луѓе кои едвај чекаат да ми раскажат за тоа како ја примаат музиката на татко ми, некогаш е добро, некогаш е лошо, нормално. Одбирам да возвратам со почит и разбирање кон туѓото мислење. Има и онакви на кои не им е воопшто важно кој ми е татко и свесни се дека ни на мене не ми е важно на нив кој им е татко, околу таквите сум најслободна и своја“, го започна разговорот Перевска.

Таа додава дека секогаш ја имала комплетната слобода, но поддршката од Перевски е многу значајна за нејзиниот развој.

Секој си има свој пат и визија. Татко ми повеќе од 25 години успева да остане актуелен, да експериментира со жанрови и да задржува генерациски различна публика. Јас не се обидувам да ја достигнам ниту да ја надминам неговата кариера. Јас се стремам кон различни нешта, но без разлика на нашите различности, секогаш сме си поддршка еден на друг. Секогаш бил јасен дека нема да ме притиска и дека морам сама да се борам за тоа што го сакам. Затоа и одбрав да се надградувам на секое поле во музиката, со цел да можам сама да го правам се она што ќе го замислам“, истакна таа.

Точната бројка на настапи со „Нокаут“ не може да се прецизира, а во 2014 година бил нејзиното прво претставување пред јавноста како придружен вокал на групата.

Кога излегувам на сцена пред македонската публика секогаш се чувствувам како да си влегувам дома, имам некое чувство како да настапувам пред луѓе кои веќе ги знам и познавам, а веројатно така и е со оглед на тоа дека важиме за помала популација. Поминати се 7 години од мојот прв настап со Нокаут, па не би ја знаела точната бројка на настапи. Иако имам 22 години, сеуште сум дете на своите родители, па во останатите градови не настапувам често клубски со нив, бидејќи татко ми своето внимание ќе треба да го насочи кон мојата безбедност, а не кон својата публика“, додава Миа.

Првиот пат пред македонска публика никогаш не се заборава, па така на Перевска во вечно сеќавање и е 2014 година и целата музичка дружина на сцената.

Чувството да си на сцена и чувството да си на сцена со Нокаут, се многу различни. Самиот факт што сум на сцена каде се свират и пеат песни кои се напишани за мојот сопствен живот го прави секој настап емотивно посебен. Ако веќе морам да издвојам тоа би бил првиот настап кој го имав со нив, во универзалната сала, декември – 2014 година. Бев во екот на моите тинејџерски години, паника, трема, хаос… Не бев ни свесна во тој момент понатака со какви луѓе ќе ја делам сцената, луѓе како Last Expedition, Игор Џамбазов, Гуру Харе, Венко Серафимов и други изведувачи кои ги слушам и им одам на концерти и свирки“, го продолжи разговорот нашата соговорничка.

Иако работат на повеќе проекти периодов, Перевски и неговата ќерка се уште не почувствувале потреба дека е време за нивна заедничка песна. Но, како што вели Миа, не е исклучено такво нешто во иднина.

Додава дека не се плаши да прави експерименти и остава на спонтаноста да ја води низ музичките патишта, без посебни оптеретувања.

Во моментов сум фокусирана на креативниот дел. А како ќе резултира тоа и на каде ќе ме води, не би знаела. Тоа што го знам е дека сакам да работам, се уште се пронаоѓам и не се плашам да експериментирам. Се чувствувам како да ми лежи непознатото, затоа не престанувам да истражувам и да пробувам нови звуци. Се чувствувам комфорно со сопствената музика кога ќе се изненадам себеси“, смета таа.

Дел од кафулињата одат на „проверени“ музички имиња, а дел им даваат можност и на анонимните пејачи и бендови да покажат што знаат и умеат. Според Перевска, давањето шанса е добро за сите.

Според мене, удобното на нашата естрада е комерцијалата. Не велам дека тоа е лошо, комерцијалното е станато комерцијала со причина, веројатно дека било добро за поголем број вкусови во едно дадено време. Но, секој период си носи свој бран на музика и драго ми е дека се почесто се дава шанса на новите имиња. За вкусовите не се дискутира, секогаш имало и ќе има различна музика. Но, има избор и се движиме напред, а тоа е добро“, потенцира Перевска.

Секој млад музичар си има свои идоли, па така и нашата соговорничка за крај откри на кои музички имиња им се воодушевува и го почитува.

Ги почитувам сите артисти на македонската естрада, но, ќе го издвојам Дуке Бојаџиев. Сплотеноста и борбата помеѓу фолклорот, модернизмот и класиката во неговата музика се целата смисла на уметноста. На светската сцена сум инспирирана од многу музичари бидејќи жанровски слушам доста опширно. Инспирација ми се 70-ти и 80-ти ликови од кои би го издвоила Jim Morrison заради неговата животна филозофија. Рок, фанк и поп музика слушам најчесто. А актуелни артисти од кои црпам доста инспирација во моментов се Massive Attack, Grimes, и доста Indie музика. Како тинејџер слушав повеќе алтернативна музика, гранџ, метал… И секако класична музика, а тоа некако си остана и до ден денес со мене“, го заврши разговорот Перевска.

Фото – Миа Перевска, Стефан Рајхл

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости