Козметичарки и фризерки од Струмица два дена ќе работат за помош на свој сограѓанин кој се лекува од леукемија

by fokus

Неколку фризерки и козметичарки од Струмица ќе го донираат целокупниот дневен промет кој ќе го остварат на 23-ти и 24-ти февруари за лекување на Стефан Таушанов, млад струмичанец кој се лекува во Велика Британија.

Неговото лекување е доста скапо, се работи за дијагноза хронична лимфоцитна леукемија, и според објавите на негови блиски луѓе потребна е сума од околу 50.000 британски фунти.

Иницијатор на акцијата за помош на Стефан е Македонка Влахов, сопственичка на салонот за убавина ,,Гламур”, а без двоумење и се приклучиле и нејзини колешки од салон за убавина ,,Венера Бјути”, студиото ,,Николиќ”, ,,С”, ,,Дол хаус” и фризерскиот салон ,,Снежана Станинова”.

Во телефонски разговор за ,,Фокус” Македонка појаснува дека ова е нејзина трета по ред ваква акција, а првата се случила пред четири години, кога исто така била потребна помош за лекување на лице од Струмица. Потенцира дека воопшто не и била намерата да се промовираат салоните за убавина, туку да се разбуди солидарноста кај граѓаните.

-Стефан го знам цел живот, од дете. Струмица е град каде речиси сите меѓусебно се знаеме, мора да си помагаме во тешките моменти. Ова што можеме да го понудиме можеби не е многу, но се надеваме дека ќе ги мотивираме и останатите, на ниво на целата држава да дадат свој удел со цел да се спаси младиот живот- вели таа.

Појаснува дека моментално е отворена сметка за донации за Стефан на која единствено може да се донира од странство, а од први март ќе биде отворена и трансакциска сметка на која ќе можат да донираат и граѓаните од земјава.

Фризерката Снежана Станинова вели дека кога Македонка ја запрашала дали сака да се приклучи на акцијата, без двоумење прифатила.

-Јас лично не го познавам Стефан, но сакав да придонесам, барем малку – вели таа.

Хуманиот гест на овие жени воден од мотото ,,Сите заедно можеме многу” го поздрави струмичката јавност.
Лицата кои се во можност да донираат за Стефан од странство, можат да го направат тоа на следниот линк:
https://www.gofundme.com/f/help-stefan-taushanov-with-his-cancer-treatment?utm_source=facebook&utm_medium=social&utm_campaign=p_cp%20share-sheet&fbclid=IwAR0pdRvdOy1WbxCt8jEOOYwYC5Yq3yoNG3f0YWCntNyqBx0m526apnF8deA

Вики Клинчарова

Поврзани новости