Со оглед на фактот што во медиумите во континуитет се споделуваат макети – разни визуелизации на проектот кој е предвиден да се гради на парцелата спроти Холидеј Ин, а дополнително на социјалните мрежи почна да циркулира он-лајн „Петиција против изградба на висококатници на парцелата спроти Холидеј Ин“ сакаме да ја информираме јавноста дека работиме на подготовка на презентација на проектот кој во текот на следната недела ќе го претставиме на организиран настан со медиумите. Ова е реакцијата на МГ Фешн, од каде што појаснуваат дека јавна презентација на проектот се планира следната недела, додека визуелизациите кои се споделуваат на интернет се неточни.
„На презентацијата точно, вистинито и целосно транспарентно ќе информираме за отпочнување на процесот на изградба на комплексот. Визуелизациите кои се споделуваат на интернет и со кои се подгрева отпор кон проектот ни одблиску не кореспондираат со реалниот проект, неговата вистинска слика и вредност.
Сосема спротивно на она што се споделува, станува збор за модерен, целосно еколошки и енергетско ефикасен проект, изработен според највисоки еко стандарди и согласно сите законски прописи во земјата.
Наспроти 60-катните бетонски облакодери за кои претходно се информираше во јавноста, а кои воедно ги дозволува актуелниот ДУП за Градска Четврт Ц08, предвиден е урбан комплекс со многу јавно зеленило и објекти со тројно намалена катност од дозволената, каде ќе се применат најсовремени материјали и дизајн, достоен за 21 век.
Остануваме достапни и целосно отворени за соработка со медиумите. Во интерес на фактите и вистината, да ја информираме јавноста за комплексот онаков каков што тој навистина ќе биде“, велат од МГ Фешн.