МФ: Обезбедени 100 милиони евра од ЕБОР

by Fokus

Владата на Р.С. Македонија обезбеди 100 милиони евра преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за поддршка на стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија на домаќинствата и компаниите преку државната компанија ЕСМ.

Денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорката на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Шарлот Ру потпишаа договор за гаранција, додека договорот за заем беше склучен со директорот на ЕСМ, Васко Стефанов.

Министерот за финансии посочи дека со овие средства ќе се поддржи ЕСМ за да непречено ги пружа услугите кон граѓаните и фирмите и покрај евентуални предизвици однадвор.

„Владата досега за справување со кризата донесе два пакета антикризни мерки во вредност од над 760 милиони евра, а за оваа година за таа намена се планирани 225 милиони евра. Договорот што денеска го потпишуваме е дополнување на ваквите мерки, со кои овозможивме граѓаните да добијат субвенционирана цена на електричната енергија, која финансиски беше поддржана од Буџетот. Покрај мерките од двата пакета, се работи и на реализација на енергетски проекти кои на долг рок ќе обезбедат диверзификација и поголема сигурност во снабдувањето со електричната енергија, а во имплементацијата на тие проекти добиваме безрезервна поддршка од Европската банка за обнова и развој“, рече Бесими.

Средствата се обезбедени по поволни услови, односно рок на отплата од 5 години, грејс период од 6 месеци и варијабилна каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. Корисник на средствата ќе биде АД ЕСМ – Скопје и сите обврски по заемот ќе ги сервисира компанијата, додека државата издава само гаранција.

Според директорката на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа Шарлот Ру, Владата на РС Македонија заедно со ЕСМ им го покажува патот кон успешна декарбонизација и модернизација на енергетскиот ситем на останатите земји од Западен Балкан.

„Импресионирани сме од вашите климатски амбиции и со нетрпение очекуваме да работиме заедно на имплементација на 85 милиони американски долари кои на РС Македонија и се ставени на располагање од страна на Фондот за климатски инвестиции“, рече Шарлот Ру.

Генералниот директор на ЕСМ Стефанов истакна дека целта на овој заем е да се обезбеди поддршка во финансирањето на трошоците за унапредување на производниот процес, инвестиции во нови обновливи извори за енергија како и за одржување на веќе изградените централи од обновливи извори.

„АД ЕСМ продолжува да се движи кон зеленото сценарио, па така во иднина се планирани повеќе проекти кои се од обновливи извори на енергија и сериозно ќе влијаат ние како држава да бидете енергетски независни“, истакна Стефанов.

Поврзани новости