По завршувањето на вонредната состојба дел од работодавачите во приватни, но и државните институции ги повикале вработените да се вратат на работните места во услови кога градинките се уште не се отворени, а училиштата не функционираат.
И родителите се збунети дали сега по завршувањето на вонредната состојба треба или не да се вратат на работа и се прашуваат кој ќе ги чува децата.
Од Владата за „Фокус“ велат дека и покрај завршувањето на вонредната состојба, владината уредба за ослободување на еден од родителите кои имаат деца до десет години, како и за хронично болните.
-Владата на Република Северна Македонија на 65. седница заклучи дека по престанувањето на вонредната состојба, остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома, како и сите мерки и протоколи опфатени во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот (КОВИД-19), велат од Владата.
Родителите кои ја користат оваа мерка треба да достават потврда дека нивното дете, ако е во претшколска возраст, одело во градинка, или ако е поголемо, дека одело на училиште.
Иако до нашата редакција стигнаа информации дека во УЈП биле повикувани на работа родители од овие категории, од таму велат дека тие во целост ја почитуваат и спроведуваат мерката на Владата.
-Управата за јавни приходи доследно ја почитува и спроведува Мерката на Владата на Република Северна Македонија за ослободување од работа на хронично болните лица, родителите на дете до 10 годишна возраст или активно четврто одделение, бремените жени и другите ранливи категории на граѓани, која продолжи да важи сè додека Комисијата за заразни болести подготви соодветни протоколи за работа, дејствување и однесување на работно место за овие категории граѓани, со која истовремено се уредува и можноста корисниците на мерката да можат да работат од дома за потребите на работниот процес, односно по потреба да бидат повикани на работа на неколку часови да се јават на работното место, велат од УЈП.
Ф.Ф.С.