Фолк пејачот Спасен Силјаноски сепак ги загрозил колегите, наместо во изолација по земен брис, тој се социјализирал!

by Frosina Fakova

Фолк пејачот Спасен Силјаноски кој вчера ја информираше јавноста дека е Ковид-19 позитивен, сепак не им кажал на своите колеги и соработници дека му е земен брис за тестирање, и наместо во самоизолација до добивање на резултатите, тој деновиве имал средба со повеќе музичари.

„Фокус” вечера ја објави веста дека дел од естрадата, односно лица кои биле присутни на снимање на концерт во живо во неделата, се вознемирени поради информацијата дека Силјаноски е позитивен на вирусот, бидејќи и тој бил присутен на снимањето, како гостин. Тој дошол во продукцијата ненајавен и останал подолго време и по завршувањето на снимањето. Сепак, според кажувања на лице од продукцијата, пејачот им кажал дека нема потреба да се грижат, бидејќи тој се инфицирал наредниот ден по дружбата, односно во понеделникот, кога имал контакт со лице позитивно на вирусот, по што се тестирал.

Од Центар за јавно здравје Битола го отфрлаат тврдењето на пејачот и појаснуваат дека му бил земен брис уште на 19-ти, во Прилеп.

-Поради одредени симптоми и покачена температура лицето побарало да се тестира преку Мој термин. Во Прилеп му е земен брис на 19-ти, тоа одговорно го тврдиме, имаме документација за случајот. Резултатот го добил вчера, на 23-ти. Сите лица на кои им се зема брис имаат законска обврска да останат во изолација до добивање на резултатот. Поради близок контакт со лицето од Кичево, Решение за изолација добија девет лица, претежно членови на неговата фамилија. Тој во анкетата не наведе дека имал контакт со колеги, а ние се водиме само според она што ни го изјавуваат инфицираните.

Доколку има и други лица кои имале близок контакт со него, потребно е да се изолираат и да ги известат своите матични лекари – ни изјави д-р Тони Коњановски од центарот. Вчера, по објавата на ,,Фокус” за состојбата на Силјаноски, но и за неговата јавна поддршка на владиката Агатангел кога повикуваше на излезеност на празникот Задушница, спротивно на владините мерки, пејачот бурно реагираше. Тврдеше дека естрадата му ја дала поддршката и никој не се чувствувал загрозен.

По повод настанот на 21-ви, изјави дека во студиото биле присутни само две лица од продукцијата. Сепак, на нашето прашање кога му бил земен брис, не одговори. Од Министерството за здравство редовно апелираат да не се кријат контактите, бидејќи се нанесува штета на целата заедница.

Денес министерот за здравство Венко Филипче одржа прес-конференција на која беше присутен и советник на регионалниот директор на СЗО за Европа, Фабио Скано, кој апелираше цело општество да се вклучи во идентификување на случаи во рана фаза и продолжување на мерки за заштита. Од Центар за јавно здравје Битола, под чија надлежност е и Кичево, велат дека тие се водат од изјавите кои им ги даваат пациентите во врска со блиските контакти и порачаа во интерес на јавноста, да не се кријат лицата кои имале контакт со позитивен случај.

Вики Клинчарова

Поврзани новости