Мерката за ослободување од работа важи само за родителите чии деца се запишани во градинка!

by fokus

Министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната прес конференција рече дека мерката за ослободување од работа на родителите на деца до 10 години продолжува да важи и по најавеното отворање на градинките идната недела, на 9 септември.

-Истакнавме дека приоритет, влезен критериум за сместување на деца во градинка ќе биде самохран родител и двајца вработени родители. Родителите кои ја користат мерката за чување деца од 0 до 10 години продолжуваат и понатаму да ја користат. Не ја укинуваме оваа мерка, рече Шахпаска.

Но по оваа изјава родителите повторно се збунија, бидејќи оние кои имаат деца на школска возраст, до 10 години, изминатиот период одат на работа.

„Фокус“ неодамна објави дека оваа владина мерка продолжува да важи само за децата кои се запишани во градинка, но не и во училиште.

Поточно, во јули се укина владината мерка, со која еден од родителите на деца под 10 години, на школска возраст, се ослободуваше од работа, а мерката остана да важи само за родителите чии деца се запишани во градинка.

Тогаш министерот Венко Филипче појасни дека мерката се укинува, бидејќи преку лето, и да не беше корона кризата, училиштата во овој период не работат. Одлуката беше донесена на 74-та владина седница.

Од Владата за „Фокус“ појаснуваат дека во следниот период, во зависност од потребите, ќе се носат и нови мерки, но потенцираат дека засега нема промени.

-Со последната промена од јули, само родителите на децата што одат во градинка, се ослободени од работа. Останатите се вратија на работните места по завршувањето на учебната година. Други измени периодот не се направени, велат од Владата.

В.В.

Поврзани новости