Родителите на ученици до 10 години не се ослободени од одење на работа во септември

by fokus

Стартот на учебната година се пролонгираше за еден месец, од 1 октомври, а родителите веќе втор месец мака мачат со тоа кој да им ги чува децата. Од јули се укина владината мерка, со која еден од родителите на деца под 10 години се ослободуваше од работа, а мерката остана да важи само за родителите чии деца се запишани во градинка.

Тогаш министерот Венко Филипче појасни дека мерката се укинува, бидејќи преку лето, и да не беше корона кризата, училиштата во овој период не работат. Одлуката беше донесена на 74-та владина седница.

Со одложување на учебната година, но и најавата за онлајн настава, како и очекуваното укинување на дневниот и целодневниот престој за помалите деца, голем дел од родителите се наоѓаат во безизлезна ситуација. Мораат да тргнат на работа, а немаат кој да им ги чува децата.

-Откако ја укинаа мерката се снаоѓавме некако. Ги искористивме тековните одмори, останатите денови од стариот одмор, и веќе од вторник треба да се вратиме на работа. Децата на возраст од 8 и 10 години треба да ги оставиме сами. Буквално сме оставени без избор. Немаме баби и дедовци во Скопје за да ги чуваат, а не можеме ниту финансиски да си дозволиме некој друг да ги чува, вели нашата соговорничка.

Затоа, прашавме во Влада, дали мерката за ослободување на едниот родител ќе продолжи да трае до 1 октомври, но од таму ни одговорија дека засега нема промени.

-Со последната промена од јули, само родителите на децата што одат во градинка, се ослободени од работа. Останатите се вратија на работните места по завршувањето на учебната година. Други измени периодот не се направени, велат од Владата.

В.В.

Поврзани новости