Менкиноски: Ова не е битка за мене, туку за нас, Македонците!

by Fokus

Во Основниот суд во Охрид и денеска не се одржа рочиштето од процесот што се води против адвокатот Тони Менкиноски, обвинет за нарушување на јавниот ред и мир со поставувањето знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид. Рочиштето се одложи затоа што не се појавија претставници на Министерството за внатрешни работи, од каде против него беше поднесена прекршочна пријава за извршено дело „истакнување знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“.

„На судењето воопошто не се јавија претставници на МВР. Очигледно е дека МВР бега од средба и пулените на Оливер Спасовски не дојдоа да објаснат како ние сме го нарушиле јавниот ред и мир. Јас воопшто не се чувствувам виновен, горд сум што го истакнав македонското знаме. Не сум го нарушил јавниот ред и мир, не постои ниту еден меѓународен, билатерален или мултилатерален договор што може да ме спречи мене како Македонец да го развијам македонското знаме“ – изјави Менкиноски.

Тој најави дека ќе бара од Судот да донесе ослободителна пресуда од причина што како и во претходните рочишта не се појавува никој од страната на обвинението, а смета дека ослободителната пресуда ќе значи слобода Македонците достоинствено и гордо да го веат знамето од Кутлеш.

„Ова не е битка за мене, туку за нас Македонците, иста како што онаа ја водевме пред Стразбур за Македонците од Пиринска Македонија. Во слободна држава да не смееме да развиеме македонско знаме, нема поголем апсурд“ – рече Менкиноски кој пред Судот во Стразбур ги застапуваше Македонците од пиринскиот дел на Македонија.

Пред Судот во Охрид се собраа стотици граѓани во знак на поддршка на обвинетиот.

Поврзани новости