Општите препораки кои произлегуваат од состојбите за разните области остануваат во фиоките на Собранието, кое не сака или е доведено во ситуација да не може да врши контрола врз извршната власт, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Според него, освен медиумската покриеност и медиумското внимание коешто го добиваат нивните годишни извештаи, препораките коишто ги упатуваат преку извештаите не допираат до надлежните институции.
– За жал не. Ова не е констатација туку состојба. Општите препораки кои произлегуваат од состојбите за разните области остануваат во фиоките на Собранието. Затоа што законодавната власт или не сака или е доведена во таква состојба да не може да врши контрола над извршната власт, а препораките на Омбудсманот се во таа насока, односно тие се алатка во рацете на законодавната власт да ја контролира извршната и да ги подобри состојбите, било во насока на носење на закони или во насока на спроведување на истите. Омбудсманот низ неговите истраги ги наоѓа проблемите и работи за Собранието, за граѓаните. Што се користи од тоа? Ништо – тврди Мемети.
Тој додава дека единствена сатисфакција на оваа институција, која се обидуваат да ја закопаат до крај, е тоа што за индивидуални случаи, годишно над 1000 констатирани повреди, успеваат да ги убедат органите да ги прифатат нивните препораки.
– Што правиме со општите состојби? За жал, моите препораки не се примаат, немаат разрешница, немаат ефект. Зборувам за општите препораки. Кај нас сè е исполитизирано. Кај нас граѓаните не ги штити процедура и систем. Може да ги штити само познавања, односно сè што е надвор од тоа што значи правила на однесување. Затоа посакувам што побрзо да заврши оваа состојба – додава Мемети.