Народниот правобранител, Иџет Мемети, ги нападна институциите дека се исполитизирани и непрофесионални во извештајот за минатата година кој носи рекорден број на повреди врз човековите слободи и права. Според Мемети дел од институциите низ 2016та година покажале крајна партизација и дека биле ставени единствено во функција на партијата која беше на власт.
На дешната собраниска седница, обраќајќи се пред пратениците Мемети рече дека за четири проценти е зголемен бројот на констатирани случаи на повредени човекови слободи и права.
– Констатиравме рекордно, како ниту една друга година, 1.523 индивидуални повреди на човековите слободи и права, а од нив во 1.354 случаи беа прифатени нашите интервенции – рече Мемети.
Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, оцени дека нема голема ефективност од извештаите кои Народниот правобранител ги доставува до Собранието, во кои, како што рече, се повторуваат истите проблеми.
-Тоа не значи дека вие не си ја вршите работата во подготовката на извештаите, но говори дека сите заедно како институции не си ја вршиме работата да ги подобриме работите во општеството – рече Димовски, апелирајќи да се најде начин Собранието да се вклучи во одделни случаи преку постојаната Анкетна комисија за човекови права.
Според народниот правобранител, во извештајот не се констатирани позитивни промени, туку стагнација, а во некои области и назадувања.
– Полициско, непрофесионално и брутално постапување, прекумерна употреба на сила на затворската полиција кон осудени лица и отсуство на здравствена заштита во казнено-управните установи, недостатоци на пензискиот систем со штетни последици по осигурениците, необезбедени средства за исплата на права од социјална помош, повреда на право на вработување на лица со попреченост, незаконско депортирање бегалци, противзаконско утвтрдување на наплата на радиодифузна такса, вода и други комуналии, противуставно оданочување на граѓаните, како и непрофесионалност во изборните органи, наведе Мемети, забележеувајќи дека меѓу останатото, во 2016 година продолжила неказнивоста на полициските службеници, како и декларативното подобрување на условите во затворите.
При активното следење на изборниот процес, според Мемети, е констатирано дека изборните органи како и сите други надлежни органи потфрлиле во очекувањата на граѓаните дека нема да бидат повредени нивните избирачки права.
– И натаму имаме проблематичен Избирачки список. Потребни се итни измени на Изборниот законик, со кој на граѓаните ќе им се овозможи право на глас загарантирано со Уставот, а дали ќе можат да го остварат тоа право тоа може да биде поврзано со документот за идентификација, рече Мемети, кој реагираше и на тоа што на седницата немало присутни членови на Владата.