Механџиски тврди: Ден Дончев бараше од „Зегин“ 25 илјади евра месечно!

Бизнисменот јавно испорача сериозни обвинувања на адреса на поранешниот директор на Фондот за здравство, за кого „Фокус“ објави серијал на текстови, откако во 2020 година го отворивме случајот за нелегалните трансакции што на негова сметка легнувале од фирма регистрирана во Муртино, која пак се финансирала од австралиска компанија во сопственост на исти лица.

by Фокус

Благој Механџиски, основач на веледрогеријата и синџирот аптеки „Зегин“, испорача сериозни обвинувања на сметка на поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев. Во емисијата „Во Центар“, Механџиски рече дека Дончев од „Зегин“ барал да му бидат исплаќани 25.000 евра секој месец.

-Ние одиме на печалба во Австралија, а тој доаѓа да печали тука од кадешто отиде на печалба. Тој дојде да краде овде. И тој уште кога дојде, на мојата директорка, кога отиде да договораат таму за лековите, и побара 25 илјади евра секој месец да му се носат – рече Механџиски.

Воедно, тој го прозва Дончев и во врска со набавките на маски за време на ковид-пандемијата, кога, според него, се давале пари за набавка на маски на фирми кои работеле во сосема други дејности. Во таа насока, спомена дека за маски фактурирала фирма за пелети.

-Дончев нека даде фактури колку плати маски и на кои фирми, дали имаат влезови. Јас знам фирма, човек, таа фирма има фактурирано, вика не дадов, ми платија. За време на Дончев, има давано фактури за маски… дрвна пелетара која прави дрвни пелети, фактурира и продава маски. Ова се факти, одете видете… – истакна првиот човек на „Зегин“.

Во текот на денешниот ден, се обидовме да стапиме во контакт со поранешниот директор на ФЗОМ Дончев, за да ги прокоментира овие тврдења на Механџиски изнесени уште пред неколку дена во емисијата „Во Центар“. Но, досега не добивме одговор на нашата порака.

АВСТРАЛИСКИ ДОЛАРИ ВО МУРТИНО

За потсетување, „Фокус“ објави серијал на текстови за Дончев, откако во 2020 година го отворивме случајот за нелегалните трансакции што на негова сметка легнувале од фирма регистрирана во Муртино, која пак се финансирала од австралиска компанија во сопственост на исти лица.

Како што објавивме, Дончев во период од 6 месеци во 2018 година добил над 3 милиони денари по основ на плати од компанијата со основна дејност за интернетпортали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.

Ден Дончев примил австралиски долари за консултантски услуги преку компанија од Муртино!

Тогаш, од македонската компанија ни објаснија дека Дончев давал консултантски услуги во периодот од 2013 до 2018 година за австралиската компанија, меѓутоа за испорачаните услуги во 2018 година одлучиле да му исплатат околу 50 илјади евра преку македонската компанија, бидејќи тој во тоа време бил во Македонија.

„2018 година беше единствената година кога сервисите на г-дин Дончев беа исплатени преку „Ремаркет“, во тип на плата, не во готово, наместо Megantic PTY LTDбидејќи беше релоциран во Македонија. Ние сме му благодарни дека ни помогна со компаниските операции во текот на 2018 година, иако беше ангажиран и со други работни обврски“, истакнаа од компанијата.

Подоцна, дојдовме до нови сознанија, според кои, покрај овие 50 илјади австралиски долари во 2018 година, Дончев примил дополнителни 80 илјади австралиски долари во 2019 година, но овојпат директно од австралиската компанија, иако тогаш, исто така, тој бил лоциран во земјава, а патем, веќе не давал консултантски услуги?!

Дончев лани примил уште 80.000 долари од австралиската фирма, неговата сопруга била управител на офшор-компанија

Иако во тоа време веќе вршел јавна функција, сепак, Дончев сметаше дека средствата што ги добил за консултантски услуги се целосно законски, посочувајќи дека уредно ги пријавил во Управата за јавни приходи и за нив платил соодветен данок.

–Во претходните 20 години, не е прв пат да се води истрага од државните органи против мене. Притоа, без разлика кој бил на власт и кој ја водел таа истрага, било констатирано дека се сум работел според законот – ни изјави тогаш Дончев.

Арно ама, тој како јавен функционер не смеел да врши консултантски услуги и да остварува приходи по овој основ. Затоа, по објавувањето на нашата сторија Антикорупциската комисија отвори предмет за Дончев, но на крајот тој беше казнет со 150 евра за непријавување на приходите, така што цела работа се затвори како формален прекршок.

БАХАМСКА ОФШОР ШЕМА

Додека ги истражувавме незаконските трансакции на Дончев, обезбедивме интересен податок. Имено, неговата сопруга, Зунка Дончева, своевремено била управител на компанијата „Вентуре Оне“, во сопственост на истоимена компанија со седиште на бахамските острови Туркс и Кајкос, кои всушност претставуваат офшор-зона.

АРХИВА Каква бахамска офшор-шема го поврзува Ден Дончев со сателитската компанија „Тарбс“?

Пред да биде ликвидирана во 2010 година, „Вентуре Оне“  била регистрирана на иста адреса како и „Тарбсмак“. Официјалните податоци покажуваат дека „Тарбсмак“ е основана во 2003 година од страна на Тони Илиоски, кој беше одговорен директор на „Тарбс“ за Европа.

Станува збор за компанија што беше дел од истоимената австралиска групација на Мајк Булос, чиј договор со МТВ потоа беше предмет од преиспитување и оспорување, а двете страни завршија и на суд.

Македонската „Тарбс“ заминува во историја: Како сателитската компанија се поврзуваше со Дончев?

Инаку, Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски (за време на оваа Влада, Дончев беше директор на Телеком, кога операторот се приватизираше) на заминување во 2002 година потпишува договор со австралиската компанија „Тарбс“, според кој Скопје треба да прерасне во регионален сателитски центар, а МРТ да добие емитување на сигнал за дијаспората.

Според тогашните најави, телепорт-центарот сместен во просториите на МРТ требало да го користи „Тарбс“ во рок од пет години и по истекувањето на тоа време да го отстапи во трајна сопственост на Македонија. Доколку тоа се случеше, земјава ќе можеше да наплаќа од сите балкански телевизии кои сакаат да користат сателитски услуги од Скопје.

Но, брзо по потпишувањето на договорот доаѓа до промена на власта, па новиот премиер од СДСМ Бранко Црвенковски не дозволува увоз на опремата, која „Тарбс“ требаше да ја донесе во Македонија и да ја смести во МРТ. Оваа опрема цели три години стоеше заробена во складиште на царина.

Дури откако Владо Бучковски стана премиер, се менува пристапот кон ова прашање, па неговата влада договара анекс на договорот со кој се продолжува рокот за користење на центарот до 2010 година за да се надоместат изгубените три години на царина. Во 2005 година, сателитски телепорт центар во зградата на МТВ беше свечено пуштен во употреба.

Во 2006 година на власт доаѓа ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски (Дончев беше генсек на ВМРО кога Груевски стана лидер, но брзо се разделија), што повторно предизвикува проблеми на линија меѓу „Тарбс“ и државата, па австралиската компанија во 2008 година поднесува две тужби против неколку македонски институции, со која бара 72 милиони отштета за непочитување на договорот и на анексот.

Сепак, „Тарбс“ се откажа од тужбата против државата на Меѓународниот суд во Лондот во 2012 година, кога тогашниот министер Миле Јанакиески обзнани дека судот одлучил дури „Тарбс“ да ги подмири и адвокатските трошоци на државава од неколку милиони евра.

ШТО ОТКРИЈА „БОМБИТЕ“ ЗА ТОТАЛ ТВ?

Низ годините, постојано се пишува за поврзаноста меѓу „Тарбс“ и Дончев. Па така, во една пригода тој самиот изјави дека бил дел од иницијативата програмите на МТВ да одат на сателит. Меѓутоа, секогаш демантирал дека било каква поврзаност со компанијата и склучениот договор.

Она што не го демантираат ниту тој ниту сопственикот на „Тарбсмак“ – Илиоски, е дека се познаници, со тоа што и двајцата еден период од животот живееле и работеле во Австралија. Впрочем, за поврзаноста меѓу нив говорат и објавените аудио-снимки, на кои може да се слушне како Дончев говори за активности на институциите во компанија поврзана токму со Илиоски.

Како што тогаш пишувавме, станува збор за друштвото „Тотал ТВ“, во доминантна сопственост на „Адриа ДТХ“ со седиште во Аместердам, која всушност е дел од регионалната United Group. Но, малцински удел тогаш имаше прилепската „Леонидсат“ на Илиоски, која, според моменталните податоци, во меѓувреме ја сменила сопственоста.

Дали Дончев барал „заеднички јазик“ за удделот на малцинскиот содружник во „Тотал ТВ“?

 

–Јас се согласив да го ставам тоа во мирување, мислејќи дека ќе има шанса да седнеме да најдеме заеднички јазик… Го ангажираа (Филип) Медарски пред извесен период, со цел најверојатно да имаат влијание кај премиерот (Зоран Заев)… Шефот (Заев) се согласи да им пуштат полиција внатре, влегоа… – говори Дончев пред непознат соговорник.

Тогашниот премиер Зоран Заев, пак, кој Дончев го споменува во контекст дека се согласил полицијата да влезе во компанијата, потврди дека се работи за „Тотал ТВ“, а не, истакна тој, за „Дијамед“, како што првично се доби впечаток. Притоа, Заев посочува дека зад објавувањето на снимките стои ВМРО-ДПМНЕ и тие, според него, се извадени од контекст.

– Медарски, многу често и адвокат на СДСМ, имал предмет во кој сопственици на „Тотал ТВ“ имале меѓусебни пријави во полиција, која постапувала по „Тотал ТВ“, а тој бил застапник на еден од нив. Еден од сопствениците на „Тотал ТВ“ (Тони Илиоски) е пријател и на Ден Дончев, па зборувале за него… – изјави Заев.

Поради оваа пријателска врска меѓу Дончев и Илиоски, како и поради интервенциите на Дончев во корист на компанијата во формална сопственост на Илиоски, ги прашавме дали можеби зад оваа компанија стои Дончев? Меѓутоа, тој се повлече од комуникацијата со „Фокус“, додека Илиоски ни изјави:

„Единствен сопственик на „Тарбсмак“ и на Леонидсат“ сум само јас и немам содружници. Во досегашната работа сум стекнал многу познаници и пријатели, но никој ништо не може да бара во мое име и за мои потреби“.

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДОНЧЕВ И ФИЛИПЧЕ

Инаку, во првата половина на 2021 година беше поднесено обвинение против сопственичката на „Дијамед“, Вера Иванова, за злоупотреба на службена положба и за перење на пари, поради начинот на кој стекнала лиценца за дијализа и потоа ја продала компанијата на странски инвеститор. Овој процес заврши годинава, со условна осуда.

Но, како што е познато, Иванова за истиот случај во 2019 година поднесе кривични пријави против Дончев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кои, според неа, ја злоупотребиле службената положба со тоа што се обиделе да ја спречат продажбата на „Дијамед“. Но, се уште е непозната судбината на овој предмет.

Пред околу една година, од Јавното обвинителство не информираа дека предметот е во предистражна постапка, во која сите активности и дејствија што се преземаат од страна на надлежните органи се тајни. Воедно, од таму посочија дека издадени биле и низа наредби до МВР за кои се очекува известување во врска со постапувањето.

Се чека епилог од кривичните за Филипче и Дончев, нов обвинител го презел случајот

Исто така, добивме одговор дека надлежниот јавен обвинител кој постапувал во овој предмет бил избран во друго обвинителство, па неговите предмети, вклучително и овој, му биле дадени на друг обвинител избран во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Година дена подоцна, повторно се обративме до Обвинителството во врска со овој случај. Прашавме какви дејства се преземени и дали има епилог, односно дали предметот е затворен во фаза на предистрага или пак е отворена истрага? Последниот одговор што го добивме е дека предметот е во фаза на предистрага.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости