Мандатот на Специјалното јавно обвинителство, законските можности за формирање специјално судско одделение и потребата од непристрасно судство, беа темите на кои се разговараше на Првата меѓународна судска конференција „Независно судство” која се одржа во Охрид.
Изненадена што СЈО има мандат од година и пол, врховната судијка од Србија Радмила Драгичевиќ потенцираше дека 18 месеци се премалку за да се заврши еден сериозен предмет.
-Тоа е несериозно малку. Година и пол не значи ништо. За една и пол година не може да се заврши еден сериозен предмет. Ние сите знаеме дека истрагите во сериозни предмети од областа на корупцијата и организираниот криминал траат по година – две, па следува судска постапка и поминуваат 2, 3 па и 4 години да се заврши еден случај пред да почне друг, така што мандат од година и пол е премалку за да се гарантира независност на специјалниот обвинител – потенцираше Драгичевиќ.
Од Здружението на судии на Македонија посочија дека македонскиот устав не дозволува формирање на специјален суд, но не постојат законски пречки за формирање на специјален судски оддел кој ќе постапува по предметите на СЈО.
-Не е клучно прашање според перцепцијата која ја има јавноста дали да има судско одделение или не. Клучното прашање е за судиите кои би постапувале по таквите предмети. Во судските одделенија не се избираат судии туку се распоредуваат согласно годишниот распоред за работа. Тоа е целокупната дилема на која јавноста бара одговор. – рече судијата Лазар Ненов.
Претседателката на Врховениот суд пак, Лидија Неделкова побара да се остави судот да си ја врши својата работа и да не се фрла сомнеж во неговата независност.
Инаку, меѓународната судска конференција во Охрид се одржува денеска и утре, во организација на Здружението на судии на РМ и Врховниот суд на РМ, а во соработка со Институтот за централни и источноевропски иницијативи од Прага (CEELI Institute Prague) и со поддршка на Амбасадата на САД во Македонија.