Меѓународна истрага за правосилно завршени предмети е апсолутно невозможна, децидни се од Коалицијата „Сите за правично судење“ којашто ги мониторира судските предмети.
Ова следува по најавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши дека ќе се бара меѓународна експертиза за предмети кои имаат правосилни судски пресуди како што се „Монструм“, Диво насеље“, „Алфа“, „Алмир“, како услов за влез на Алтернатива во владата.
Во изјава за Фокус оттаму објаснуваат дека државата би можела да користи меѓународна помош и експертиза доколку предметите се наоѓаат во фаза на истрага, но не и по правосилното завршување на предметите.
-Законски, овој мониторинг не би можел да значи ништо за предметите од едноставна причина што доколку имало било какви сомнежи и индиции за било какви влијанија на судиите кои постапувале во предметите предложени за разгледување, реакција и иницијатива за преиспитување на одлуките или пак работата на судиите, требало да биде адресирана во текот на постапките.
Меѓународна истрага, како што беше најавено е апсолутно невозможна во оваа фаза на предметите, анализираат од Коалицијата.
Од организацијата велат дека согласно нашиот правен систем, правосилни судски одлуки коишто се завршени во сите судски инстанци, не можат да се преиспитуваат надвор од одредбите предвидени во домашните процесни закони.
-Дури и кога се предмет на разгледување овие одлуки од страна на суд кој не е во домашниот судски систем, на пример Европскиот суд за човекови права, за истите се одлучува во насока на евентуални повреди на некои права предвидени во Европската конвенција, а не и за утврдување на фактичка состојба или пак висина на казна.
Оттука, не е јасно како е замислен овој процес и како истиот ќе најде легитимитет за спроведување имајќи го предвид фактот дека домашната регулатива не предвидува такви можности, додаваат од Коалиција.
Тие се категорични дека ваквите изјави на политичарите, особено кога станува збор за носители на извршна власт, несомнено индицираат на мешање во судската независност и судската власт како уставно предвидена категорија.
-Дополнително, ваквите изјави обезбедуваат легитимитет на перцепциите на граѓаните кога станува збор за недоволната успешност на судството во справување со криминалот генерално, како и неговата независност.
Оттука, незадоволството од ефикасноста на судството и евентуалното „политичко“ мотивирано постапување на одредени индивидуи, како што беше истакнато, далеку посоодветно е да се рефлектира преку законски утврдените контролни механизми како Судскиот совет или пак Советот на јавни обвинители, отколку да се пристапува кон креирање на решенија кои немаат законска основа, порачуваат од организацијата.
Фросина Факова-Серафиновиќ
Договорот на Заев и Гаши е негирање на правосудниот систем, вели Најчевска