Договорот на Заев и Гаши е негирање на правосудниот систем, вели Најчевска

-Единствено правно релевантно преиспитување на пресудите може да направи само Европскиот суд за човекови права во рамките на Европската конвенција за правата и слободите на човекот, вели Најчевска за Фокус

by fokus

Договорот меѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши за меѓународен мониторинг на дел од судските предмети, не е само мешање на извршната во судската власт, туку е потполно негирање на правосудниот систем, и создавање на преседан кој значи апсолутна правна несигурност и потполна политизација на правосудствот, вели за Фокус, професорката Мирјана Најчевска.

Единствено правно релевантно преиспитување на пресудите може да направи само Европскиот суд за човекови права во рамките на Европската конвенција за правата и слободите на човекот.

Доколку учесниците во спомнатите случаи мислеле дека се направени такви пропусти во процедурите кои значат повреда на нивните права согласно Конвенцијата, требало да поведат постапка пред ЕСЧП.

Секоја друга интервенција (посебно кога станува збор за правосилни судски одлуки) не е само мешање на извршната во судската власт, туку е потполно негирање на правосудниот систем, и создавање на преседан кој значи апсолутна правна несигурност и потполна политизација на правосудството, вели Најчевска за Фокус.

Гаши побарал Владата да испрати писмено барање до Европската комисија преку Делегацијата на ЕУ да испратат експерти коишто ќе направат мониторинг на случаите за кои, според Алтернатива, има сомнежи во судските одлуки и за политички влијанија, како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу…

Според Заев, меѓународните експерти нема да ги поништуваат донесените пресуди, туку ќе дадат свои мислења кај нашите институции.

На оваа најава реагираше Судскиот совет од каде за Фокус рекоа дека во Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка, како и други процесни закони, јасно е предвидено под кои услови може да има повторување на постапката за одреден предмет или кој суд е надлежен за укинување на одредена пресуда.

Да се почитуваат законите и судските одлуки, укажува Судски совет

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески за Фокус изјави дека не коментираат изјави на политичари, но исто така порача дека незадоволната странка може да поведе постапка пред Европскиот суд за човекови права.

-Обвинителството е подготвено, како и досега, врз основа на закон да соработува со меѓународни организации и да ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права, вели Јовески.

Јовески за договорот на Гаши и Заев за “Монструм”: Не коментираме политичари

Ф.Ф.С.

Поврзани новости