Косовската полиција спречила украдена медицинска опрема од Македонија да заврши во косовската поликлиника „Авицена КС“ во сопственост на македонскиот бизнисмен Дритон Шуки.
Косовските медиуми јавија дека станува збор за опрема вредна 45 илјади евра, а бизнисменот истата наводно ја купил за 10 илјади евра, пренесува Радио Слободна Европа
Како украдена медицинска опрема од болниците во Македонија завршила во рацете на бизнисменот Дритон Шуки одговор треба да даде истрагата на косовската и македонската полиција.
Веста за украдената опрема и осомничениот скопјанец Шуки, што ја објавија косовските медиуми незабележително помина во земјава. Тој има свој бизнис во Косово и Македонија, а поврзан е и со политичари од двете земји.
Сопственикот на поликлиниката „Авицена КС“ во Приштина, Шуки, како што објави косовската полиција на 17 ноември, бил сослушан и е осомничен дека направил кривично дело со купување на медицински апарат кој се сомничи дека е украден во Скопје.
„По одземање на апаратот и потребните полициски постапки, во координација со државниот обвинител е инициран предмет против осомничениот Д.Ш, 47 годишен маж за купување набавка, прифаќање или прикривање на предмети прибавени со сторено кривично дело“, се наведува во соопштението на косовската полиција.
Косовските медиуми јавија дека станува збор за медицинска опрема вредна 45 илјади евра, а бизнисменот Шуки истата ја купил за 10 илјади евра. Не наведуваат за каква опрема станува збор и кои се останатите осомничени. Дел од косовските медиуми јавија дека во случајот е вклучен и Интерпол.
Косовската „Авицена КС“ не е поврзана со македонската лабораторија „Авицена“, туку само го делат истото име.
Целиот текст на Радио Слободна Европа